Управа за јавни приходи / СП. архива

Управата за јавни приходи вработува 100 државни службеници

Од УЈП за „Слободен печат“ велат дека во пензија им заминале 124, а огласуваат нови 100 вработувања, според годишниот план

Министерства, Собрание, Канцеларијата на премиерот, јавни претпријатија, училишта, затвори, болници, градинки, масовно ги отвораат вратите за нови вработувања пред Нова година. Објавени се десеттици огласи за советници, раководители, референти, виши и помлади соработници во изминатите денови. Најголемиот дел од огласите предвидуваат вработувања согласно годишниот план на институции за 2022 година, а платите се движат од 18.000 до 40.000 денари. Не се знае дали е во контекст на ограничувањата на 5 отсто нови вработувања годишно, како што пролетоска најави министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити?!

Сепак, она што паѓа во очи е новото кадровско полнење со 100 државни службеници во Управата за јавни приходи, каде се бараат даночни советници, самостојни и виши референти, асистенти за даночно сметководство, за управање со ризик и други области, како и контролори и други службеници.

Од УЈП за „Слободен печат“ велат дека причината за толкавиот обем на нови вработувања е фактот што во пензија им заминале 124 службеници, а се е според годишниот план на институцијата. Според огласот платите се движат од 18.846 до 37.800 денари.

-Јавниот оглас број 651/2022 за вработување на (100) сто административни службеници во Управата за јавни приходи, е објавен врз основа обезбедена финансиска согласност на Министерството за финании и согласно донесениот Годишен план за вработување во Управата за јавни приходи за 2022 година – Измена број 01-995/22 од 30.11.2022 година, со кој се планирани 100 нови вработувања наспроти 110 пензионирања, иако досега се реализирани вкупно 124 пензионирања. Според ова, потребата за овие нови вработувања е утврдена врз основа на планираниот природен одлив за календарската 2022 година (предизвикан првенствено од измените на Законот за работните односи со кои се укина можноста за продолжување на работниот однос над 64 години возраст со изјава од вработениот), како и согласно останатите индикатори за работната сила по години – велат од УЈП за „Слободен печат“.

Со нови советници ќе се екипира и Канцеларијата на премиерот Ковачевски – 4 на број, во Собранието ќе „влезат“ 22 нови службеници, а 9 административци во Министерството за труд и социјала.

Според податоците во 2021 година имало 132.088 вработени во јавниот сектор – 905 лица повеќе од годината претходно. Најголем дел од вработените, 33 отсто, се во образовните институции, па потоа здравството и јавната управа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!