Фото: gulyasagyumedia.hu/facebook

Унгарија: Свештеник жестоко ги критикувал ЛГБТ-луѓето, а редовно одел на масовни геј-оргии

По сериозните обвинувања за сексуална злоупотреба на деца од страна на свештеници на Католичката црква во Унгарија, надбискупијата Естергом-Будимпешта, предводена од кардиналот Петер Ерде, го суспендира свештеникот Андраш Пајор од сите црковни активности. Причина за ваквата одлука е пријава поднесена против него до Службата за заштита на деца и младинци, по што е спроведена претходна истрага и случајот е пријавен во полиција, пишува „Политика“.

Пајор првично беше суспендиран до завршување на истрагата, но набрзо беше разрешен од должноста поради, како што беше официјално објавено, „неговата возраст и здравствена состојба“. Според неофицијални информации од надбискупијата, свештеникот е пензиониран, но тоа не значи дека истрагата против него е прекината.

Додека служеше како свештеник во областа Зугло во Будимпешта, тој стана познат на пошироката јавност по отворената кампања за владејачката партија Фидес пред парламентарните избори во 2022 година, остро критикувајќи ги опозициските партии. Минатата година, на предлог на премиерот Виктор Орбан, тој го доби Витешкиот крст, државен унгарски орден, „за неговиот придонес во христијанската култура и образованието на младите“, а го доби од рацете на тогашниот претседател Каталин Новак.

Според порталот „Валас онлајн“, неколку од жртвите на свештеникот се огласиле откако слушнале подкаст од католички адвокат специјализиран за заштита на децата, бенедиктинскиот монах Бенедек Добсеј. Тој во своето видео изјави дека сведочењата укажуваат на постоење на „систематска злоупотреба на моќ и овластување од страна на Пајор, бидејќи тој ги таргетирал своите жртви“. Обвинувањата вклучуваат чести „детски проверки на крлежи“, кои барале од осумгодишните момчиња да се соблечат и да подлежат на физички прегледи, кои редовно вклучувале допирање на интимните делови од нивните тела, што, наводно, продолжило и во тинејџерските години. Исто така, се тврди дека Пајор практикувал масажи на целото тело на избрани момчиња и ги подложувал на „сомнителни терапии“ како третман со кварцна ламба. Сведоците нагласија дека злоупотребата не била ограничена само на поединечни случаи, а доказ е тоа што голем број млади сведочеле пред црковните истражители.

Овој случај следи по неодамнешните откритија за злоупотреба на деца во Архиепископијата Калока. Актер во новиот скандал е свештеникот Герге Беше, познат во јавноста како остар критичар на ЛГБТ-популацијата. Корисниците на интернет го знаат како инфлуенсер кој редовно ги промовира ставовите на претставниците на унгарската влада за потребата од зачувување на „семејните и христијанските вредности“. Меѓутоа, порталот „Валас онлајн“ пишува дека постојат голем број документи кои докажуваат дека овој свештеник учествувал во „масовни геј забави и оргии со други мажи“. Доказите вклучуваат видеа и пораки, а според овој портал, дел од видеата се достапни на геј порно сајтовите.

Беше е суспендиран, а Унгарската католичка бискупска конференција издаде соопштение во кое изразува „сочувство и тага“ за страдањата на жртвите на нејзиниот свештеник, но избегна извинување или признавање дека постојат системски проблеми.

Интересно, Беше за време на предизборната кампања на социјалните мрежи напишал дека „сите што гласаат за опозицијата избираат повисоки школарини, неподносливи плаќања во социјалните институции и затворање на селските цркви“. Тој, исто така, ја критикуваше „ЛГБТК идеологијата, чија цел е да го освои светот“, наведувајќи дека детето што живее со еден родител е тешко да го најде својот идентитет, со иронична забелешка дека во такви случаи „геј пропагандата може да ги пронајде и промени“.

Критичарите тврдат дека Унгарската католичка црква со децении ги игнорирала извештаите за злоупотреба на деца и друго недолично однесување од страна на свештениците и дека само порталот 444 документирал бројни такви случаи во изминатите 25 години. Оттука, јавноста во оваа земја е изненадена, но и оптимистичка од започнувањето на истраги за овие два случаи, што, како што се верува, може да биде знак за промена на пристапот кон овој проблем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот