улица Козара/Фото: Слободен печат

Улицата Козара двапати неуспешно се асфалтираше, сега проблемот со изведувачот ќе се решава на суд

После неколку месечна реконструкција и по двапати асфалтирање, улицата Козара во Кашиштец повторно не изгледа така како што би требало „тазе“ реконструирана улица. Граѓани на социјалните мрежи објаснуваат дека само по три месеци откако е асфалтирана, целата улица е, како што велат, дупка до дупка, па ја повикуваат Општина Центар да ги испрати луѓето задолжени за надзор да проверат во каква состојба е улицата и за каква неквалитетна изведба се потрошени општински пари, односно пари на граѓаните.

Градоначалникот Горан Герасимовски признава дека постои голем проблем поврзан со реконструкцијата на Козара, или поточно со изведувачот на градежните активности.

Излеговме на терен, констатирано беше дека асфалтот не е квалитетен и, согласно договорот, укажано беше да се повтори постапката односно да се асфалтира од почеток, меѓутоа и вториот асфалт не беше во ред. Затоа Општината нема да исплати средства по тој основ, па сега бараме начин да направиме нова набавка и да се јави друг изведувач, а постапката ние со него на суд да ја продолжиме. Ништо не исполни согласно договорот и друг начин освен неплаќање и продолжување на судска постапка немаме – објаснува Герасимовски во коментар како одговор на еден од граѓаните.

Реконструкцијата на улицата започна на крајот од јули минатата година и ја изведуваше компанијата „Гама градба“ неколку месеци. За обновата на улицата Општината требаше да плати нешто повеќе од 8 милиони денари со вклучен ДДВ, односно околу 130.000 евра.

Но, работите со реконструкцијата не се одвиваа според планот, а на пропустите и грешките веднаш укажуваа жителите на Козара. Најпрво коловозот се изгреба, но потоа кога изведувачот го постави првиот слој асфалт, со него ги затрупа сите шахти и сливници долж улицата. Граѓаните реагираа за грешката, реагираше и Општината, па изведувачот ги „откопа“ отворите за да не се случи при секој дожд да се поплавува улицата.

Потоа се чекаше да се изведат приклучоци за подземна инсталација за зградите кои во моментов се градат долж улицата, а во меѓувреме делови од тротоарите останаа раскопани, па пешаците се движеа по улицата. Конечно се стави и вториот слој на асфалт и се дотераа и тротоарите. Но,  шахтите останаа нивелирани и  пониско поставени од нивото на асфалтот.

Набрзо повторно се разработија машините на улицата и изведувачот почна да го отстранува штотуку поставениот втор слој на асфалт. Жителите измалтретирани од неколкумесечната реконструкција, од механизација на улицата, тешкото одвивање на сообраќајот, од бучавата, прашината и смрдеата, како и од неможноста нормално да стигнат до своите домови, реагираа и прашуваа како е можно работите повторно да се изведуваат од почеток.

Од Општина Центар тогаш објаснија дека се утврдени грешки при изведбата, но не прецизираа за какви грешки станува збор.

Надзорот и Општина Центар утврдија дека станува збор за грешки при изведбата, направени од страна на изведувачот. Зафатот за отстранување на грешките ќе биде готов до крајот на неделата, на трошок на инвеститорот, односно од општинскиот буџет за оваа намена нема да се користат никакви средства – одговорија од Центар.

Сега, работите со изведувачот ќе се решаваат на суд и ќе се бара нов изведувач. Тоа значи дека жителите на Козара одново ќе мора да поминуваат низ сето она што го минуваа минатата есен и да се надеваат дека овој пат изведувачот што ќе биде избран ќе си ја знае работата.

Можеби е крајно време општините да ги заострат критериумите при избор на изведувачи за потребната инфраструктура. Затоа што, честопати досега се покажало дека најниската понудена цена не е секогаш најдобриот избор, особено кога се во прашање реконструкции на улици, кои не треба да траат додека заминат мајсторите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот