Фото: Приватна архива

Украсуваме со Ружица Ивановиќ: Правењето божиќен календар е симбол на љубов, креативност и дружење

Секоја година, Божиќ ни носи можност да внесеме магија и радост во нашите домови, а што може повеќе да ги израдува најмилите од креативни активности во овој период?

Постои еден посебен начин да го направите празникот уште посрдечен – создавајќи божиќен календар што е не само декоративен туку и исполнет со љубов и внимание.

Ружица Ивановиќ од Скопје е мајка на три деца – петгодишната Тамара и тригодишните близнаци Виктор и Стефан. Оваа млада жена, која е архитект по професија, а работи како графички дизајнер, знае како да ја поттикне креативноста кај своите деца, па неретко споделува моменти и од нивните забавни активности и проектите „направи сам“.

– Подготовките за декември кај нас дома почнуваат многу порано. Секоја година однапред планирам и подготвувам активности што ќе ги правиме заедно, а оваа година решив сите да ги спакувам во божиќен календар. Календарот веќе се претвори во традиција – вели Ивановиќ.

Специјално за нашите читатели, таа ни раскажа какви активности практикуваат со децата во овој период, а може да ги инспирираат и другите родители.

Фото: Приватна архива

Ивановиќ вели дека правењето божиќен календар со децата не е само одбројување до празниците, туку и поминување квалитетно време заедно.

– Годинава тргнав доста амбициозно во однос на „направи сам“ делот и ми одзема навистина многу време, но секоја секунда вредеше затоа што додека јас уживав во подготовката, децата уживаат во секој детаљ. Идејата ми беше да направам новогодишна елка од подароци. Решив дека нема да купам новогодишни кутии за подароци туку ќе ги направам јас. Почнав со собирање различни кутии низ дома: кутии од доставени пратки, кутии од патики, од стари телефони, пакувања од храна. Остатокот од кутиите се кутии од производи од локалниот маркет. Најпрво одбрав палета на бои и со голема четка ги обоив сите кутии. Потоа на секоја од нив нацртав различен новогодишен мотив – претворајќи го обичните картони во мала празнична изложба. Во секоја кутија (31 кутија, за секој ден од декември) има различни подароци за секое дете, но тоа не се само подароци. Секој ден содржи изненадување што поттикнува дружење и заеднички активности: печење и декорирање колачиња, правење лампиони, честитки, редење сложувалки, читање… Целта на календарот не е само одбројување до Нова година, туку поминување квалитетно време заедно, создавајќи спомени кои ќе траат многу подолго од празничниот период – вели таа.

Фото: Приватна архива

Оваа креативна мајка вели дека ваквата традиција има големо значење за неа.

– Оваа традиција за мене како мајка има подлабоко значење. Кога јас бев дете, мојата мајка го правеше декември магичен за мене со активности на кои сè уште се сеќавам и ми се драги спомени. Денес, како мајка, јас ја преземам таа улога за моите деца и пресреќна сум што можам да ја пренесам магијата – се присети Ивановиќ на своето детство.

Фото: Приватна архива

Исто така, таа ја потенцираше важноста на реупотребата на материјалите во изработката на проектите „направи сам“.

– Уште еден важен дел од годинашниот божиќен календар е фокусот на реупотреба. Со користење рециклиран картон, преку пример ги учам моите деца на одржливост. Често и заедно правиме такви активности, барајќи креативни начини да реупотребиме материјали што инаку би се фрлиле. Овој проект е потсетник дека со малку имагинација и најобичното нешто може да се претвори во необично, а сепак да се грижиме за планетата – нагласува таа.

Фото: Приватна архива

За крај, Ивановиќ ја искажа својата надеж дека ваквата традиција ќе им остане како убав спомен од детството на нејзините деца.

– За мене, божиќниот календар е многу повеќе од одбројување – тој е симбол на љубов, креативност и дружење. Се надевам дека моите деца оваа традиција ќе ја носат во себе, сеќавајќи се на времето што сме го поминале заедно правејќи ја посебна оваа празнична сезона – рече таа.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот