
Украина и Литванија потпишаа документ за намера за заедничко производство на одбранбена опрема
Украинскиот министер за одбрана Денис Шмихаљ денес изјави дека тој и неговиот литвански колега Довила Шакалиена потпишале документ за намера за заедничко производство на одбранбена опрема, чија цел е зајакнување на безбедноста на двете земји.
Препорачано
„Заедно се фокусираме на започнување на заедничко производство, особено на создавање беспилотни летала со долг дострел. Соодветното писмо за намера во врска со заедничкото производство на одбранбени производи во Литванија и Украина беше потпишано во Киев заедно со министерот за национална одбрана на Литванија, Довила Шакалиена“, истакна Шмихаљ, пренесува Укринформ.
Според украинската агенција, министрите разговарале за конкретни перспективи за индустриска соработка, а потпишаниот документ создава нови можности за започнување заеднички вложувања, развој на украински компании во Литванија и размена на технологии.
Шмихаљ ѝ се заблагодари на својата литванска колешка за посетата и „продуктивната интеракција“, нагласувајќи дека е важно Литванија да продолжи да издвојува 0,25 проценти од БДП за воена помош на Украина до 2027 година, што, како што рече, е силен сигнал за долгорочна поддршка за украинските војници.
Тој додаде дека со Шакалија разговарал и за дополнителни средства за купување оружје и развој на украинската индустрија, како и за „систематската и непоколеблива поддршка на Литванија за Украина на патот кон победата“.