
Украина е крвава арена за пресметка на руски приватни армии
Искуствата од „Вагнер“, воениот профит и подемот во пирамидата на моќта придонесоа да се појават многу платенички групи, кои се борат за што поголема улога на фронтот и за што поблиски врски со Кремљ
Не е само „Вагнер“, иако паравоената милиција на Евгениј Пригожин е најозлогласената и најискусна руска платеничка група што дејствува покрај окупаторските сили на територијата на Русија. Само енергетскиот гигант „Газпром“ ги има веќе три.
Препорачано
Токму искуствата од „Вагнер“, воениот профит и подемот во пирамидата на моќта придонесоа да се појават многу платенички групи, кои се борат за што поголема улога на фронтот и за што поблиски врски со Кремљ.
Паравоените групи до не толку одамна беа официјално забранети во Русија, иако преку „Вагнер“ москва ги бранеше и ги ширеше своите интереси низ Африка, па и во Сирија.
Воената инвазија врз Украина во февруари 2022 година придонесе Вагнер да излезе од правната сенка и да се наметне како формација што е дури и „елитна“ во однос на редовните воени единици. Групата на Пригожин сега има луксузни aдминистративни простории и технолошки центар во Санкт Петербург, а нови членови регрутира преку огромни билборди, по затворите и со огласи по социјалните мрежи, дури и на „порнхаб“.
Сега униформите на „Вагнер“ ги носат 50.000 мажи, десет пати повеќе отколку што ги имаше пред инвазијата. Пригожин повеќе не се однесува како „Готвачот на Путин“, туку е охрабрен гласно да го критикува министерот за одбрана, генералите, па и Кремљ.
Пред инвазијата врз Украина имало и други руски паравоени единици, но нивниот број значително се зголемува, особено откако во април беше усвоен закон со кој како „непатриотско“ се забрани дискредитирањето и на доброволните и платеничките формации, не само на оружените сили. Казните се од 650 долари за физички лица, па сѐ до 15 години затвор за повторување на делото.
„Конвој“ на Крим
Армен Саркисјан, неодамна назначениот администратор на затворите на анектираниот украински полуостров Крим, најави дека ќе ја искористи својата позиција за, според примерот на „Вагнер“, да регрутира затвореници во нова приватна воена компанија. Поранешен командант во „Вагнер“ во окупираниот украински регион Херсон ја формира компанијата „Конвој“. На чело на групата е Константин Пикалов, поранешен висок офицер во конкурентскиот „Вагнер“ во Африка. Во повиците за регрутирање, „Конвој“ истакнува дека бара мажи што би се бореле за „силна православна Русија“ и против „украинските сатанисти“. Притоа се нудат и високи примања – 200.000 рубли месечно (околу 2.600 долари) за борци и 300.000 рубли за командири, а секој што ќе отслужи цела година може да очекува „имот на Крим или во Абхазија“.
Многу подалеку зачекори енергетскиот гигант „Газпром“, кому приватна армија му е неопходна за да ги обезбедува нафтените капацитети во Русија и во други земји.
„Газпромнефт сикјурити“ беше формиран во почетокот на оваа година заради заштита на нафтените извори и резервоарите во Арктикот и на други места. Набрзо потоа енергетската компанија ја формираше и единицата „Поток“, чии платеници веќе се забележани како се борат покрај руските воени сили во Украина.
Дејствуваат и „Факел“ и „Пламја“. За овие групи не се знае многу, а се говори дека дејствуваат во тесна врска со Министерството за одбрана на Русија.
Судир Кадиров – Пригожин
Озлогласениот чеченски претседател Рамзан Кадиров веќе ја користи регионалната полиција како приватна паравоена формација, иако таа официјално е дел од Националната гарда на Руската Федерација. Чеченски одреди веќе се борат во Украина, но Кадиров сѐ уште не формирал сопствена приватна воена компанија.
– Можеме со сигурност да кажеме дека „Вагнер“ ги покажа своите капацитети во воени услови и ги разби дискусиите дали такви приватни воени компании се потребни или не. Кога мојата служба кон државата ќе заврши, сериозно планирам да се натпреварувам со нашиот драг брат Евгениј Пригожин и да формирам приватна воена компанија. Мислам дека ќе функционира – порача Кадиров на својот профил на Телеграм.
Тоа беше пред директниот судир на чеченските команданти Кадиров и Адам Делимханов со Пригожин, што сведочи колку е жестока битката помеѓу паравоените формации што се борат на страната на Русија.
Нема конкретни информации што би ги потврдиле тврдењата дека раководството во Москва настојува да создаде што е можно повеќе приватни армии за да се намали влијанието и моќта на „Вагнер“ и на Пригожин. Но, веќе е јасно дека односот помеѓу Пригожин и Кремљ не е толку близок како лани.
„Патриот“ на Шојгу
Особено е жесток неговиот судир со министерот за одбрана Сергеј Шојгу, кој, патем, исто така се поврзува со нова елитна приватна армија. Американскиот Стејт департмент неодамна на списокот санкции ја додадоа приватната воена компанија „Патриот“, која е ривал на „Вагнер“, колку што Шојгу му е ривал на Пригожин.
Независни руски медиуми тврдат дека формирањето на „Патриот“ е директна последица на конфликтот на Шојгу со Пригожин, кој почнал уште во 2018 година, кога десетици борци на „Вагнер“ загинале при американско воздушен напад врз позиции на групата Исламска држава близу Деир Езор во Сирија. Неофицијално се истакнуваше дека причина за несаканите жртви била лошата координација на платеничката група со руските воени сили.
Платеници од „Патриот“, меѓу кои има и жени, се забележани на фотографии од фронтот во Украина, но „атаманот“ Евгениј Шабаев тврди дека групата има илјадници луѓе под договор. Платата е повисока во споредба со другите групи – помеѓу 400.000 и 1 милион рубли месечно, додека членовите на „Вагнер“ наводно заработуваат по 150.000 до 240.000 рубли, плус борбен бонус од по 3.000 рубли на ден. Членовите на „Патриот“ се и осугурени, поради што на семејството на секој загинат припадник му се исплаќча помеѓу 3 и 5 милиони рубли (37.000 до 61.000 долари. Компанијата се обврзува и дека ќе го врати телото на загинатиов војник, а дека ранетите ќе бидат згрижени во воени болници.
Борците не носат документи ниту мобилни телефони, за да се избегне протекување информации, и не си ги знаат презимињата.
Полза за Кремљ
Аналитичари на Западот укажуваат дека претседателот Владимир Путин може да има голема полза од приватизирањето на инвазијата врз Украина. Платениците и доброволците што ќе загинат во битка со украинските сили официјално не се регистрираат како руски жртви во војната, поради што билансот на загинати војници е понизок и се намалува ризикот од домашен бунт. Разузнавачи во САД проценуваат дека само во декември на фронтот загинале повеќе од 10.000 припадници на „Вагнер“. Пригожин изјави дека во битката за Бахмут, која беснееше со месеци, загинале повеќе од 20.000 припадници на неговата приватна армија. Овие жртви не се вклучени во официјалниот биланс на загуби што го објавува Москва.
Москва, исто така, може лесно да се огради од одговорноста за злостроствата што ги спроведуваат приватните армии.
Ризикот, од друга страна, е ривалството на овие паравоени формации што лесно може да прерасне во меѓусебни пресметки или во судири со регуларните воени сили. Специјалци од „Вагнер“ неодамна приведоа руски офицер, обвинувајќи го дека намерно наредил акција за пресекување на отстапница на паравоените сили. Офицерот пред камери призна дека наредбата ја дал поради „лична нетрпеливост“, но подоцна изјави дека признанието му било изнудено и додаде дека руските приватни армии се посурови во сослушувањето дури и од украинските сили.
Пригожин категорично ја отфрли наредбата од министерот Шојгу најдоцна до 1 јули сите приватни воени компании да потпишат договори со Министерството за одбрана, за да му овозможат на военото раководство полесно да ги координираат акциите во Украина.
Договорот во исто време би го уредил легалниот статус на проиватните групи.
Ако „Вагнер“ го одбие привилегираниот статус што го уживаше досега, може да остане без привлечниот пазар надвор од Украина, каде што практично и немаше конкуренција.