Според експертите, слободното време позитивно влијае на продуктивноста/ Фото: Michal Busko / Alamy / Profimedia

Укинување на државните празници за подобра економија?!

Неколку држави предлагаат укинување на државни празници, тврдејќи дека тоа им помага на буџетите и го поттикнува растот. Сепак, контрааргументите сугерираат дека продуктивноста не зависи само од бројот на работни денови

Укинувањето на државни празници е „во мода“. Францускиот премиер Франсоа Бајру во јули предложи Велигденскиот понеделник и Денот на победата над фашизмот (8 мај) да бидат избришани од списокот на неработни денови во Франција, кои вкупно се 11 во годината. Предлогот наиде на жестоки критики од речиси целата политичка сцена.
Бајру тврдеше дека ваквиот потег ќе помогне во ублажување на буџетскиот притисок, а тој не е единствениот што размислува на таков начин.

Порано годинава, Словачка укина еден државен празник во обид да ја стабилизира фискалната состојба, а Данска уште во 2023 година се откажа од еден празник после Велигден. Владата во Копенхаген го оправда потегот со потребата да се обезбедат дополнителни средства за покривање на растечките трошоци за одбрана.

Дебатата не е ограничена само во Европа. Американскиот претседател Доналд Трамп на 19 јуни, денот што го одбележува крајот на ропството, објави на социјалните мрежи дека „САД имаат премногу неработни денови“ и дека тоа наводно ја чини економијата милијарди долари.

Многумина го протолкуваа тоа како политички изјава, особено бидејќи се работи за симболичен ден за афроамериканската заедница и што беше исто прогласен за државен празник од администрацијата на претходниот претседател Бајден.

Но, дали навистина има доволно докази дека земјите со помалку државни празници се и поекономично продуктивни?

Помалку празници значи поголема продуктивност?

„Доказите за таа теза се ограничени“, вели Чарлс Корнс, виш економист од британската консултантска куќа СЕБР, за ДВ. „Продуктивноста не зависи толку од бројот на неработни денови, колку што од фактори како што се ефикасноста на работната сила, капиталните инвестиции и технологијата.“

Некои истражувања покажуваат дека кратењето на државни празници може да доведе до многу мало зголемување на БДП.

Истражување од 2021 година на Лукас Росо и Родриго Андрес Вагнер покажало дека државните празници можат всушност да ја зголемат побарувачката за одредени поткатегории на БДП, но исто така дека кога празниците се паѓаат за време на викенд и не се заменуваат, се забележува мало зголемување на БДП.

Од друга страна, истражувања на ММФ и германската Бундесбанка покажале дека секое зголемување на БДП би било пропорционално многу помало од зголемувањето на вкупниот број работни денови.

Покрај тоа, продуктивноста не зависи само од денот кога не се работи. Често се случува вработените да земаат слободни денови околу државните празници, па ефектот се протега и пред и по самиот празник.

Иако владата може да собере повеќе даночни приходи со укинување на празници, има и спротивни аргументи. Многу експерти предупредуваат дека слободните денови играат клучна улога за менталното здравје и благосостојбата на работниците.

„Истражувањата покажуваат дека работниците кои немаат доволно одмор се во поголем ризик од исцрпеност, што подоцна негативно влијае на нивната продуктивност и општа состојба“, вели Адевале Меј, политички аналитичар во Институтот за Економска Политика во Вашингтон.

Државни празници и платен одмор 

Дебатата за државните празници е дел од пошироката дискусија за целокупното работното време. Германија, Велика Британија и Холандија се обидуваат да ја стимулираат економијата преку зголемување на работните часови, откако во последните години се забележува тренд на нивно намалување.

Но, укинувањето на државни празници е сосема друго и далеку поосетливо прашање. Обично е многу поприфатливо мотивирање на работниците со скратено работно време да работат подолго, како што е случајот во Германија, отколку кога директно се укинуваат национални празници.

Според истражување од 2020 година, поголемиот дел од земјите членки на ОЕЦД нудат помеѓу 30 и 36 слободни денови годишно, вклучувајќи ги и државните празници и законскиот одмор.

САД како исклучок

Некои од земјите со најмногу платени слободни денови, како Австрија (38), Данска (36) и Финска (36), имаат и едни од највисоките БДП по глава на жител.
САД, пак, се единствена членка на ОЕЦД каде што нема законски загарантиран платен одмор. Иако имаат 11 државни празници, според Меј многу сектори, особено трговијата, туризмот и транспортот, продолжуваат со работа на тие денови, бидејќи нема законска обврска работниците да добијат платен одмор.

Меј истакнува дека сите други земји во ОЕЦД нудат платени слободни денови, а нивните економии не страдаат поради тоа. „Овие економии функционираат одлично, додека истовремено им дозволуваат на работниците да се одморат“, додава тој.

Според него ова е централниот аргумент против хипотезата на Трамп: „Проблемот во САД никогаш не бил дали треба да се работи повеќе, туку дали економијата им овозможува на сите луѓе да живеат достоинствено и безбедно“.

Продуктивноста зависи од повеќе фактори

Чарлс Корнс сепак признава дека во големите економии, како што е американската, барањето од бизнисите да затворат за еден ден може да има значителен економски ефект, но секој сектор е различен.

„Во угостителството и трговијата честопати се забележува зголемен промет за време на празници, што е добредојден поттик за традиционалните продавници кои веќе долго време се под притисок од онлајн трговијата“, вели тој.

Тој нагласува дека продуктивноста зависи од многу фактори и не е едноставно прашање на бројот на работни часови.

„Ако, на пример, Германците работат помалку часови, но постигнуваат исто ниво на продукција, тоа не ја оштетува економијата. Напротив, може да биде и позитивно, бидејќи луѓето имаат повеќе време за себе и за своите најблиски“.

Што мислите, колку празници и се потребни на Македонија?

Извор: Дојче веле/ Автор: Артур Саливан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот