
УЈП се пофали дека наплатила рекордна сума од даноци и придонеси во јули
Минатиот месец во државната каса по овој основ се слеале 233 милиони евра, за кои УЈП вели дека се рекордна месечна наплата
Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека во јули е остварен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси седум отсто, што е за околу 37,4 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани.
Препорачано
„Вкупната наплата од даноци (данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега. По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9 проценти во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година“, велат од УЈП.
Додаваат дека растот на приходите не е случаен и дека е резултат на зголемена економска активност, посветена работа, партнерство и доверба со даночните обврзници.
„Во изминатиот период, а во согласност со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима”, велат од УЈП.