
УЈП ги гони „заборавените“ газди- некои работници останаа без плата за старата, а некои така ја дочекаа и Новата година
Во последните три месеци од минатата година, над една третина од газдите не ја испочитувале законската обврска да ја уплатат платата за претходниот до 15 во наредниот месец, информираат од УЈП. Од ССМ предупредија дека за жал и дел од вработените во јавниот сектор поради реорганизацијата на Владата, немаат земено плата еден или два месеца
Добар дел од македонските трудбеници и натаму имаат нередовни месечни примања. Така во последните три месеци од минатата година, над една третина од газдите не ја испочитувале законската обврска да ја уплатат платата за претходниот до 15 во наредниот месец, информираат од Управата за јавни приходи за „Слободен печат“, односно 13 отсто од работниците не ја добиле ноемвриската плата до 16 декември. Претходно од Сојузот на синдикатите предупредија дека за жал и дел од вработените во јавниот сектор поради реорганизацијата на Владата, немаат земено плата еден или два месеца. Меѓу нив се вработените во Државниот пазарен инспекторат, за што од ССМ рекоа дека ќе проверат што се случува во ДПИ и доколку навистина се утврди дека вработените таму не земале плата еден или два месеца, ќе поднесат соодветни пријави.
Препорачано
-Обврска за исплата на бруто плата за мeсец ноември 2024 година имаа 70.650 работодавачи за 552.030 вработени лица. 70 отсто од работодавачите (или 49.911) исплатиле бруто плата на 482.276 вработени лица, односно за 87 отсто од вработените уплатиле социјални придонеси во законскиот рок до 16-ти декември – информираат од УЈП.
Без плата за Нова година, повторно останале 15 отсто од граѓаните, додека својата обврска за декември 2024 година, ја исполниле 48.349 работодавачи, што претставува 68,5 отсто од вкупниот број работодавачи (70.587) кои имале таква обврска.
-Во законскиот рок плата примиле 471.044 вработени лица, односно за 85 отсто од вработените кои имале барем еден работен ден во месецот социјалните придонеси биле уплатени во законскиот рок – посочуват од УЈП.
Слична била состојбата и со јануарските плати, па така 15 отсто од работниците останале без неа до 14 февруари. Инаку во јануари 66 отсто од работодавачите ги завршиле своите законски обврски во рокот, а 85 отсто од работниците си ја добиле навреме платата за првиот месец од оваа година.
-Веднаш по истекот на законскиот рок, Управата за јавни приходи започнува со опоменување на работодавачите кои не ги платиле МПИН пресметките или воопшто не поднеле пресметка за месецот, а по истекот на рокот за плаќање по опомена, Управата започнува со мерки за присилна наплата од парични средства на банкарска сметка кај должниците, со што продолжуваат уплатите по МПИН пресметките како задоцнети плаќања по истек на законскиот рок – објаснуваат од УЈП.
Левица бара платата да се исплаќа до 5, а не до 15 во следниот месец
Платата за тековниот месец да биде исплатена најдоцна до 5 следниот месец, наместо до 15, како што е актуелно, бара партијата Левица, која до Собранието поднесе предлог-измени на Законот за работни односи. Целта е велат да се обезбеди навремена и правична исплата на платите.
-Причините за измената се повеќебројни, дел од нив е финансиската сигурност на работниците. Во многу домаќинства, платата е единствениот доход на семејствата, а моменталната практика на исплата на платите до 15. во месецот предизвикува финансиска нестабилност и задоцнети плаќања на режиските трошоци – образложи пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ.
Тој истакна дека, поради доцнењето на платите, многу работници се снаоѓаат со брзи кредити, дозволени минуси и позајмувања со високи камати, односно прекумерно се задолжуваат.
– Дел од работниците ја добиваат платата на почетокот од месецот, додека најголемиот дел од нив дури до 15. Ова создава нееднаквост и неправеден товар врз дел од работниците – истакна тој, потсетувајќи дека во многу европски држави платите се исплаќаат до крајот на тековниот месец или, најдоцна, во првите денови од наредниот месец.
Според Мециновиќ со оваа измена не се создава никаков дополнителен финансиски товар на економијата. Тој очекува предлогот да ја добие потребната поддршка од сите во Собранието.