
Угостителите не се грижат за возрастa и служат алкохол: Се забавуваат и наздравуваат иако немаат 18 години
Иако е забранета продажбата на алкохолни пијалаци на малолетници, впечатокот е дека малкумина угостители го фермаат законот. Се оди дури дотаму, што не им се бараат ни лични карти на децата, иако е предвидена глоба до 4.000 евра за правното лице и до 500 евра за одговорното лице во правното лице
Од око се проценува возраста на младите што нарачуваат алкохол по кафулињата, оти демек изгледале позрело и се облекувале како возрасни!? Консумацијата на алкохол е најзастапена за време на викендите во ноќните клубови и во баровите, каде што често има голем број помлади од 18 години. Сепак, иако е забранета продажбата на алкохолни пијалаци на малолетници, впечатокот е дека малкумина угостители го фермаат законот. Се оди дури дотаму, што не им се бараат ни лични карти на децата, иако е предвидена глоба до 4.000 евра за правното лице и до 500 евра за одговорното лице во правното лице! Освен глоба, се издава и решение за привремена забрана за вршење на дејност во траење од 30 дена, велат за „Слободен печат“ од Државниот пазарен инспекторат.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Битолската полиција заедно со УЈП, ДПИ, Трудовиот инспекторат и Центарот за социјални работи на 16 септември спроведе акциска контрола во угостителски објекти, а при контрола на ракометно игралиште, било констатирано дека организаторот на концертот послужил тројца малолетници со алкохолни пијалаци. Во неделата била спроведена акциска контрола за присуство на малолетници во угостителски објекти по 24 часот како и за точење алкохол на малолетници во 280 угостителски објекти. Епилогот од акцијата се затекнати шест малолетници во угостителски објекти во Скопје и во Битола по полноќ и по приведувањето биле предадени на родителите. При контролата биле откриени две кривични дела „точење алкохолни пијалаци на малолетници“ по член 204 од Кривичниот законик. Но, проблемот е што при контролите, пазарниот инспектор мора да биде присутен во моментот на продажба на алкохолни пијалаци на малолетно лице.
Од јуни до крајот на август годинава, што се совпаѓа со периодот на летните одмори, кога не работат училиштата и факултетите, Државниот пазарен инспекторат извршил 659 надзори според Законот за угостителска дејност, а издадени се 160 прекршочни платни налози во висина од над 1,1 милиони денари, ни откриваат од ДПИ.
– Дел од овие надзори се вршени во заедничка координација со полициски службеници од МВР, утврдено е дека се точи алкохол на малолетни лица во еден угостителски објект за што се преземени соодветни законски дејства од наша страна. Послужувањето алкохол и алкохолни пијалаци на лица под 18 години е спротивно на одредбите од Законот за угостителска дејност и предвидени се високи казни – велат од ДПИ.
Угостителите имаат своја страна на приказната.
– При пристигнувањето во клубот, често има големи турканици, па обезбедувањето не може да легитимира секого поединечно. Често вратарите по сопствена процена одредуваат дали можат пуштат некого или не. Девојките сепак поради физичкиот изглед, шминката или облекувањето поминуваат како постари и со тоа влегуваат во клуб каде што не треба да се појавуваат. Понатамошна контрола на нивното однесување и што пијат не е можна – велат угостители со кои разговараше „Слободен печат“.
Македонците пијат по 6,43 литри алкохол годишно
Според Светската здравствена организација, граѓаните на Чешка консумирале најмногу алкохол по глава на жител во 2019 година, при што поединци консумирале околу 14,26 литри чист алкохол. Следуваат Летонија и Молдавија со 13,19 и 12,85, соодветно. Целосната листа вклучува 38 земји со чисто консумирање алкохол над 10 литри годишно. Просечната потрошувачка на алкохол во Македонија изнесувала 6,43 литри, но кај мажите, консумацијата е дури 10,3 литри по глава годишно. Поголемиот дел од овие земји се наоѓаат во Европа. Соединетите Американски Држави имаа годишна потрошувачка по лице од 9,97 литри чист алкохол во 2019 година, но потрошувачката варира во зависност од државата. Ова ги става Соединетите Американски Држави на 39-тото највисоко место, значително над светскиот просек од 5,8 литри. Минималната возраст за пиење во Соединетите Држави е 21 година и е строго наметната на повеќето локации. Топ 10 земји со најниска потрошувачка на алкохол во 2019 година се Сомалија, Бангладеш, Кувајт, Мавританија, Саудиска Арабија, Авганистан, Либија, Јемен, Египет, Сириска Арапска Република, Бутан, Индонезија, Пакистан и Џибути.