Прв училишен ден / Фото: Фејсбук, Орце Ѓорѓиевски

Училишното ѕвонче за првпат заѕвони за 17.250 првачиња

За оваа учебна година, министерката за образование и наука, Весна Јаневска најави новини во образовниот процес. По седум години, учениците повторно ќе добијат учебници по странски јазици.  Јаневска потенцираше дека конечно е решен долгогодишниот проблем со недостиг на учебници во основното образование, како и со нерегулирани авторски права и доцнење на испораките.

Учебната 2025/2026 година денеска официјално започна за вкупно 245 илјади ученици во основното и средното образование низ државата. Според податоците на Министерството за образование и наука, наставните клупи годинава ќе ги исполнат 177.800 основци и 67.200 средношколци. Во училиштата првпат заѕвони училишното ѕвонче за 17.250 првачиња, а во средните училишта наставата ќе ја започнат 17.230 ученици во прва година.

Според најавите од Министерството, наставата ќе трае до 10 јуни, со исклучок на матурантите кои својата последна училишна година ќе ја завршат порано, на 15 мај.

За оваа учебна година, министерката за образование и наука, Весна Јаневска најави новини во образовниот процес. По седум години, учениците повторно ќе добијат учебници по странски јазици.  Јаневска потенцираше дека конечно е решен долгогодишниот проблем со недостиг на учебници во основното образование, како и со нерегулирани авторски права и доцнење на испораките.

„Сега повеќе нема предмети без учебници, нема користење на учебници без склучени договори и регулирани авторски права, и нема долгогодишно чекање за нивна испорака. Системски го решивме овој предизвик“, изјави Јаневска и додаде дека првпат по седум години учениците ќе добијат и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански јазик.

Фото: Profimedia

Вештачка интелигенција како дел од наставата

Голема новина оваа година е и официјалното воведување на вештачката интелигенција во наставниот процес. Министерството информираше дека наставниците ќе бидат едуцирани за правилна и етичка употреба на новите технолошки алатки, додека учениците ќе се запознаат со придобивките, но и со потенцијалните ризици, вклучително и заштитата на личните податоци.

„Ќе ја воведуваме вештачката интелигенција во сите предмети и ќе зависи од наставникот колку и какви алатки ќе користи. Претходно ќе ги едуцираме учениците за предностите и негативностите, па потоа постепено ќе ја применуваме во сите наставни програми“, изјави министерката Јаневска.

Таа додаде дека наставникот останува клучна фигура во целиот образовен процес:

„Наставникот мора да го добие своето вистинско место во општеството и да биде почитуван. Само така можеме да спроведуваме квалитетен образовен процес.“

Прв училишен ден / Фото: Фејсбук, Орце Ѓорѓиевски

Јаневска најавува подобри услови за сите ученици

Оваа година е воведено и формално образование за децата кои се на долготрајно болничко лекување. Тие ќе можат да се вклучуваат во наставата онлајн, заедно со своите соученици, или пак да добиваат индивидуални часови од наставниците.

„Децата кои се во болница повеќе нема да губат од наставата. Зависно од нивната здравствена состојба, тие ќе можат да учествуваат во онлајн часови или наставникот директно ќе работи со нив“, појасни Јаневска.

Дополнително, оваа година е најавено и ново зголемување на платите за наставниците, како и поголема поддршка за талентираните ученици. Министерството ќе ги покрива трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади и ќе обезбедува професионално кариерно насочување.

Прв училишен ден / Фото: Фејсбук, Христијан Мицкоски

Инвестиции во инфраструктурата

Во последната година отпочнат е инвестициски циклус во образованието во вредност од 67 милиони евра. Дел од градежните проекти за подобрување на училиштата веќе се завршени, а дел се во тек на реализација. Со тоа, како што соопшти министерката, голем број училишта добија подобри услови за работа, а зголемен е и бројот на образовни асистенти кои ќе помагаат во наставниот процес.

– Направени се и крупни инвестиции за подобрување на образовната инфраструктура. Во период од една година отпочнат е инвестициски циклус од 67 милиони евра. Дел од градежните проекти се завршени, а дел во фаза на реализација – соопшти Јаневска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот