
Ученици во Челопек парадирале со амблеми на неформални воени организации, Јаневска бара одговрност
Не очекував дека токму педагози, луѓе кои ја одбрале најблагородната професија, ќе ги учат децата во Македонија да не ја почитуваат сопствената земја, да не ги почитуваат своите сограѓани и ќе индоктринираат милитанство, насилство, омраза, се огласи министерката за образование
Во ОУ „7 Март“ во Челопек се организирала училишна приредба на која ученици биле облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска преку објава на нејзиниот профил најави поведување постапка против раководството и наставниците.
Препорачано
„Длабоко сум разочарана и вознемирена од одлуката на раководството и наставниците во ОУ „7 Март“ во Челопек да организираат, но и од одобрувањето на родителите на учениците, нивните деца да учествуваат во училишна приредба на која облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации од минатото, парадираат со пушки во рацете. Патем, родителите и ракоплескаа на сето тоа. Ваквиот чин не само што педагошки е неисправен, туку е и нечовечен, неетички, неморален и законски казнив. Не очекував дека токму педагози, луѓе кои ја одбрале најблагородната професија, ќе ги учат децата во Македонија да не ја почитуваат сопствената земја, да не ги почитуваат своите сограѓани и ќе индоктринираат милитанство, насилство, омраза. Спротивно на сите основни начела на педагогијата“, напиша Јаневска.
Таа вели дека место борба за единство, за градење мирна и хармонична училишна средина, која треба да биде и основа за градење на мирно и хармонично општество и силна заедничка држава, во 21от век гледаме дека нечии размислувања и идеали се заглавени во некој минат век.
„Ова е училиште кое, од претходни министри дури и било наградувано со грантови за организирање на активности за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција. Да, шокантно е, но е вистина! Најавувам дека ќе поведеме соодветна постапка против училиштето. Добивам и информации дека слични активности имало и во други две училишта. И таму ќе постапат инспектори, ја уверувам македонската јавност“, напиша министерката.