
Турскиот репрезентативец Шенгун фаворит да биде МВП на Евробаскет
Финалето на Европското првенство во кошарка сè уште не е одиграно, но еден човек го одбележа Евробаскетот – Алперен Шенгун, лидерот на репрезентацијата на Турција.
Препорачано
Ривал во финалето е Германија, чии најдобри играчи Франц Вагнер и Денис Шредер се далеку од своите најдобри настапи, па затоа е потребен пресврт од 180 степени во натпреварот за титулата за Шенгун да не биде најкорисен играч на првенството.
Турците досега не загубија ниту еден натпревар, а Шенгун ги пополнува сите колони и командува со тимот во одбраната. Во просек, 23-годишниот центар на НБА клубот Хјустон рокетс бележи 20,8 поени, 11 скока и 7 асистенции, со процент на шут од поле од 56 проценти (61 од 109).
Неговиот трипл-дабл против Полска во четвртфиналето беше особено импресивен – 19 поени, 12 скока и 10 асистенции, а против Шведска во неочекувано тесен натпревар во осминафиналето, тој постигна 24 поени, запиша и 12 скока и шест асистенции. Блескаше и против Грција завршувајќи со 15 поени (5-15 од поле), 12 скока и шест асистенции.
Германија и Турција ќе се борат за титулата на Европското првенство во недела во 20 часот. Натпреварот за бронзениот медал помеѓу Грција и Финска ќе започне четири часа порано.
Турците никогаш не биле европски шампиони, а беа во финалето на ЕП во 2001 година во Истанбул, кога на домашен терен загубија од Југославија. Од друга страна, Германците се актуелни светски шампиони, а на ново финале чекаа 20 години. Тие ја освоија титулата во 1993 година под водство на Светислав Пешиќ.