
Турција ги префрла кучињата скитници од улиците во кафези
Турскиот парламент усвои закон што налага сите кучиња скитници да бидат уловени и префрлени во прифатни центри, подалеку од улиците каде што сѐ почесто напаѓаат и луѓе. Најагресивните и оние со неизлечиви болести ќе бидат уништени.
Препорачано
Активистите за права на животните ја критикуваат иницијативата, тврдејќи дека е подобро да се спроведе масовна кампања за стерилизирање.
Законот го предложи владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Се проценува дека низ турските градови има околу 4 милиони кучиња скитници. Законот досега налагаше секое куче без сопственик да биде одведено на ветеринар заради стерилизирање и вакцинирање, а потоа да биде вратено на истото место каде што било пронајдено. Многу од кучињата се маалски и за нив се грижат цели заедници.
Општините пријавиле дека во изминатите 20 години стерилизирале околу 2,5 милиони кучиња. Во текстот на законот се наведува дека денес низ Турција има вкупно 322 прифатилишта, со капацитет од 105.000 кучиња. На општините им се налага да издвојат по најмалку 0,3 отсто од своите годишни буџети за изградба на нови центри и надградба на постоечките.
На повик од активистите за човекови права, низ Турција со недели имаше организирани граѓански протести против законот, а имаше и неколку судири на демонстранти со полицијата.