
Турција ги осуди изјавите на Нетанјаху за настаните од 1915 година
Турција денеска остро ги осуди и отфрли изјавите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека го признава масакрот врз Ерменците во Османската Империја за време на Првата световна војна како геноцид
Препорачано
„Изјавата на Нетанјаху за настаните од 1915 година е обид за злоупотреба на трагичните случувања од минатото за политички цели“, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
„Нетанјаху, кој е обвинет за геноцид врз палестинскиот народ, се обидува да ги прикрие злосторствата што тој и неговата влада ги извршија“, се додава во соопштението, пренесува Анадолија.
Министерството нагласи дека изјавата е „неспојива со историските и правните факти“.
Анкара останува против претставувањето на тогашните инциденти како „геноцид“, опишувајќи ги како трагедија во која двете страни претрпеле жртви. Турција повеќепати предложи формирање заедничка комисија од турски и ерменски историчари, како и меѓународни експерти, за да се разгледа прашањето, наведува Анадолија.
Паралелно, Израел се соочува со сериозни обвинувања за актуелната војна во Појасот Газа. Според податоците, од октомври 2023 година израелската воена кампања усмртила речиси 63.000 луѓе, а енклавата е разурната, со население што се соочува со глад.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото. Израел е обвинет и за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, пишува турската агенција.