
Тројца американски научници се добитници на Нобеловата награда за физика
Годинашната Нобелова награда за физика им е доделена на Џон Кларк, Мишел Х. Деворе и Џон М. Мартинис „за откривање на макроскопско квантно механичко тунелирање и квантизација на енергијата во електрично коло”, објави денеска Кралската шведска академија на науките.
Препорачано
Научниците се поврзани со Универзитетот во Калифорнија (UC), а Деворе исто така има позиција на Универзитетот Јеил.
Деворе и Мартинис работат во кампусот Санта Барбара на Универзитетот во Калифорнија, кој се наоѓа северозападно од Лос Анџелес, додека Кларк е дел од Универзитетот во Беркли, близу Сан Франциско.
„Квантната механика ѝ овозможува на честичка да помине директно низ пречка, преку процес што се нарекува тунелирање,” се наведува во изјавата на Академијата при објавувањето на наградата во вторникот.
Во соопштението се објаснува дека едно од главните прашања во физиката е – колку голем може да биде системот кој сè уште покажува квантни механички ефекти. Добитниците оваа година извеле опити со електрично коло во кое „ги демонстрирале и квантното механичко тунелирање и квантизираните енергетски нивоа во систем доволно голем за да може да се држи во рака”.
Вообичаено, кога се вклучени голем број честички, ефектите на квантната механика стануваат незначителни. Сепак, експериментите на овие физичари покажале дека „квантно-механичките својства можат да се направат видливи и на макроскопско ниво”.
„Прекрасно е што славиме како квантната механика, стара веќе еден век, и понатаму нè изненадува со нови откритија. Таа е и исклучително корисна, бидејќи ја претставува основата на целата дигитална технологија,” изјави Оле Ериксон, претседател на Нобеловиот комитет за физика.