
Трипуновски: Ме радуваат зголемените цени во земјоделството, така ќе има интерес за работа
Цената по која продаваат земјоделците стигнува ниво на рентабилност посочи Трипуновски и истакна дека токму ниската рентабилност ги избрка младите од земјоделството
Овошјето и зеленчукот е ставка што во последниве години најмногу расте во потрошувачката кошничка. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, продажните цени во земјоделството се зголемени за 11 проценти во мај во однос на ланскиот мај. Притоа, најмногу поскапел зеленчукот, за 22,8 проценти! Сега, за разлика од мај, може да се забележи намалување на цените на доматите, пиперките, тиквичките, но овошје тешко се каснува.
Препорачано
Според министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, зголемените цени на земјоделското производство се добар знак, затоа што само така ќе се стимулираат младите да обработуваат земја. Тој појасни и дека статистичкиот податок се однесува на зголемувањето на цените по кои земјоделците ги продаваат производите, а не на крајната цена.
– Податоците се однесуваат на „инпути“ и „аутпути“. Во делот на инпут има зголемување за 2 проценти, а во делот на аутпут за зеленчук зголемување од 22 проценти. Тоа значи дека имаме повисока продажна цена на земјоделските производи, тоа не значи дека толку повисока цена плаќаат граѓаните. Цената по која продаваат земјоделците стигнува ниво на рентабилност. Друго е прашањето на откупната цена од самите земјоделци, која е преточена во маркетите и на пазарите. Мене ме радува овој податок затоа што земјоделците навистина го добиваат тоа што го заслужуваат. Тоа е дополнителен стимул за наредниот период – рече Трипуновски на отчетот за сработеното во текот на една година.
Тој смета дека токму ниската рентабилност ги избрка младите од земјоделството и дека интенција на Владата е со мерки и стимуланси да ги врати.
– Министерството партнерски работеше и во делот на откупот и на пласманот на земјоделските производи. Повеќе култури добија повисоки цени, значи земјоделците работат со позитива, односно производната цена е зголемена како процент во однос на тоа што тие го вложиле како труд и мислам дека таа доверба го достигнува нивото што го заслужува и со тоа младите луѓе гледаат дека работата во земјоделството може да биде профитабилна. Има и објавено јавен повик за млади земјоделци до 10.000 евра. Младите добиваат предност бодови за аплицирање за земјоделско земјиште и така натаму – рече Трипуновски, одговарајќи на новинарско прашање како Владата би ги вратила земјоделците на нива со оглед на тоа што Македонија е земја што е увозно зависна од голем дел прехранбени производи.
– Како новина што ќе се воведе во 2026 година со нов закон е посериозна парична помош на младите брачни парови што ќе го поддржат земјоделскиот процес и што ќе се вратат на село. Вложуваме голем напор да покажеме дека категоријата земјоделец не е социјална категорија, не е нешто што е валкано, напротив тоа е една благородна професија што заслужува внимание за да го зголемиме производството како за домашната потрошувачка, така за зголемување на извозот – посочи Цветановски.
Тој потсети дека во првиот квартал од 2025 година во однос на првиот квартал од 2024 година имаме зголемување на извозот кај земјоделството за 5 проценти, или за околу 11 милиони евра.
Цветановски потенцираше и дека кај повеќе земјоделски култури има зголемување на површините.