
Трипуновски до оризопроизводителите: Уште денеска ќе биде пуштена водата
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски денеска пристигна во Чешиново Облешево за да разговара со оризопроизводителите кои утрото излегоа на протест и го блокираа магистралниот пат Кочани – Штип, поради незадоволство околу наводнувањето пред почетокот на сеидбената сезона.
Препорачано
Трипуновски информираше дека се прават максимални напори за исполнување на планот за наводнување, при што ќе се води контрола за распределбата и рационалното користење на водата. Тоа ќе важи и за индивидуалните земјоделци, но и за претпријатијата кои се занимаваат со производство на ориз.
„Информацијата што ја разменивме заедно со директорот со земјоделците е дека водата уште денеска ќе биде пуштена за да се запазат оптималните рокови кои согласно науката велат дека треба до 15-ти мај да се заврши сеидбата. Така да во делот на она што значи поплавување со површини на вода очекувам дека нема да има проблем, земјоделците треба да бидат спокојни”, рече тој.
Во врска со исплатата на дополнителната субвенција за предадени количини оризова арпа, нагласи дека финансиската поддршка се реализира според планот и земјоделците ќе ги имаат парите на своите сметки токму кога најмногу им се потребни.
„Минатата недела беа исплатени средствата од првиот рок што беше опфатен за предавање на арпата и 761 корисник добија по шест денари дополнителна поддршка преку интервентниот фонд, односно беше исплатена сума од околу 50 милиони денари. Ветувањето е дека мерката ќе продолжи да важи и во наредниот период бидејќи барањето на земјоделците беше парите да ги добијат во екот на сеидбата за да имаат средства за подготовка“, додаде Трипуновски.
Оризопроизводителите од населените места во општина Чешиново-Облешево денеска излегоа на протест и со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента од магистралниот пат Кочани – Штип за да го изразат незадоволството од актуелните политики пред почетокот на сеидбата.