Трипати проверувај, еднаш поверувај

Дејан Србиновски / Слободен печат

Извештајот за медиумската писменост објавен неодамна од Институтот отворено општество говори дека Македонија е на дното – на 40 место, што значи дека е најранлива кога станува збор за лажните вести и негативните ефекти од нив.

Денот на проверка на фактите, 2 април, кој во светот се одбележува веднаш по првоаприлскиот Ден на шегата, или лагата, претставува глобален повик на акција за вреднување на пренесувањето на фактите. Овој датум особено е важен во период кога земјава и светот секојдневно живеат со наплив на невистинити информации поврзани со војната во Украина, со политиката, но и со други сфери од општественото живеење. Во таа насока во нашето општество денес повеќе од кога било се јавува потребата за проверка на фактите и нивно адекватно пласирање и вреднување. Тоа е неопходно за доброто на сите, бидејќи единствено со факти и со вистини ќе се анулира штетното дејство на феноменот на лажни вести, кој носи непроценлива штета во сите сегменти од живеењето.

Ова, меѓу другото, е наведено во последниот годишен индекс за минатата година објавен неодамна за медиумска писменост на Институтот отворено општество во Софија (ОСИ), кој користи податоци од Институтот за образование (ПИСА) и Евростат. Македонија во ова истражување е оценета со 23 бода (од можни 100) и е на претпоследното, 40. место, токму во рангирањето на последниот Индекс за медиумска писменост. Во рангирањето што го подготвува Институтот, набљудувани се 41 земји. Последното, 41 место, го зазема Грузија, а пред Македонија, на 39 место, е рангирано единствено Косово (но со ист број бодови како РСМ), Босна и Херцеговина (24 бода) е на 38. место, Албанија (25 бода) на 37 место, Црна Гора (32 бода) на 35 место и Србија (35 бода) на 32 место.

Овие земји, според истражувањето, имаат најнизок потенцијален отпор да се справат со дезинформациите и со нивните ефекти, бидејќи, како што наведува документот, заостануваат во индексот на критичкиот пристап до медиумските содржини, како и во користењето на медиумските потенцијали за информативни и образовни цели.

Сепак, медиумските манипулации не се новина и тие постојат со години. Експертите од оваа област секојдневно се согласуваат дека и досега се направени клучни чекори за создавање услови за практикување на стандардите и на принципите за професионална работа на новинарите и на медиумите. Секако, има уште многу да се работи на тој план, вклучувајќи и на полето на проверката на фактите и медиумската писменост, а токму тоа е улогата на професионалното новинарство.

Печатените медиуми, преку нивните уредувачки колегиуми и својот професионален кадар, кои го практикуваат „кодексот на новинарите“ и секојдневно вршат кристализација на гласот на јавноста, на гласот на граѓаните, се храбар граѓански опсерватор на вистинските факти и коректор на јавните политики. Затоа, секоја држава има национален интерес во името на граѓаните да ги поттикне медиумите и да создаде услови токму тие да бидат силен фактор за општествен просперитет, за дијагностицирање и за анализа на појавите или проблемите и за нудење решенија во интерес на граѓаните.

Народски кажано, сè се сведува на учење техники како да се препознаат овие лажни информации од кои подоцна ќе произлезат и одредени правила како да се препознае изворот, дали тој е верификуван и потврден од два или три извора и слично. Преку овие механизми новинарите, но и публиката, сами ќе може да ги оценат вестите – дали недостига нешто во нив, дали е променета содржината или, пак, тие се невистинити во целост, тврдат експертите.

Резимето, накратко, е дека во земјава, но и во регионот борбата против лажните вести единствено може да се поттикне преку зајакнување на медиумската писменост, односно преку зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа и за критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини. Иако тоа е комплексен и тежок процес и не носи резултати веднаш, на долг рок тој е единствениот здрав чекор за демократијата и за слободата на говорот. Токму преку образованието и медиумската писменост се учи како да се развијат вештините за критичкото размислување, како да се препознаат манипулациите и лажните вести, но истовремено многу е важно ваквите штетни појави да се превенираат и да се санкционираат од страна на институциите.

И, сосема на крајот, ако за шнајдерите и кројачите постои изреката „трипати мери, еднаш сечи“, тогаш за веродостојноста на информациите пласирани во медиумите и на социјалните мрежи може да се примени изреката „трипати проверувај, еднаш поверувај“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот