
Трибина на ВМРО-ДПМНЕ „Наместо ЕУ влада, влада на должничко ропство”
Трибина насловена „Наместо ЕУ влада, влада на должничко ропство – Потребни се политики кои ќе донесат промени и иднина” се одржа денеска во просториите на централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Препорачано
Трајко Славески, кој е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во својот говор посочи дека Владата не успева да се справи со кризата, цените на храната и понатаму растат, а стандардот на граѓаните не е заштитен.
– Инфлацијата не е феномен предизвикан само од еден фактор, како сега што се тврди дека таа е увезена, не зависи ништо од тоа што тие го прават. Но, ако нас не ни веруваат нека ги погледнат документите од Меѓународен монетарен фонд пред неколку години и сега и на Светска банка. Пред недела дена излезе извештајот за земјите од Западен Балкан за економската состојба и таму има едно посебно поглавје за Република Македонија. Уште првата реченица стои дека инфлацијата во државата се забрзува, од една страна заради растот на цените на храната и енергијата, но и поради притисокот на двоцифрениот пораст на минималната плата – рече тој.
Маја Кадиевска Војновиќ член на Извршниот комитет ја потенцираше потребата од итни предвремени парламентарни избори.
– Оваа Влада и со претходниот и со сегашниот премиер најверојатно е една од најнеуспешните влади во справување со кризи. Ние ако гледаме историски, сме имале многу кризи. Народот ја чувствува кризата затоа што менаџментот е катастрофален и од причина што оваа влада досега не е проактивна туку реагира ретроактивно и затоа ние како опозиција имаме аргументи и јас имам еден слајт со 12 аргументи но сите ќе се сложиме дека има многу повеќе аргументи за предвремени парламентарни избори – порача Кадиевска Војновиќ.
Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи го извештајот на Државниот ревизор за ефикасноста на мерките кои што Владата ги донесе вели дека тој покажува дека немало контролен механизам каде и за што се потрошени парите од мерките за помош на стопанството, како и дека се неуспешни.
Таа нагласи дека се доделени и 15 милиони евра за помош на државните институции но нема никаков критериум како се прераспределени и која државна институција колку пари добила, напоменувајќи дека се дадени средства за Универзална сала, сервисирање на обврски кои што се направени пред корона кризата, апелирајќи дека Јавното обвинителство треба да го испита целиот случај.
Според портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, пак, Владата се обидуваше да украде пари во криза. Тој истакна дека нерационално се трошеле милиони.
– Високата стапка на инфлација во изминатиов период е резултат на несоодветните политики кои што ги води Владата. Изминатиов период укажувавме и дека не треба да се брза со покачување на минималната плата, и дека доколку се покачи треба рамномерно да се покачат сите останати плати согласно бодувањата и Колективните договори, но власта не не послуша, а најголема штета сега имаат граѓаните – кажа Арсовски.