
Три операциони сали на Детска хирургија и на Трауматологија, имале формалдехид надвор од дозволеното со закон
Три хируршки сали од кои една на трауматологија и две на детска хирургија на ТОАРИЛУЦ, имале штетни вредности на формалдехид, надвор од рамките на законски дозволените норми на 1 јули годинава.
Препорачано
Ова произлегува од извршеното стручно мерење на цврсти честички и загадувачки гасови, што самата клиника го нарачала од приватна фирма на дадениот датум, а чија копија „Слободен печат“ ја доби според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Предмет на стручниот наод е мерење и испитување на хемиски штетности во операционите сали.
Заклучокот од извршеното мерење на цврсти честички и загадувачки гасови, е дека во салите и на ТОАРИЛУЦ и на Детска хирургија, цврстите честички и јаглеродниот диоксид биле во рамките на пропишаните законски вредности, а ист бил случајот и за формалдехидот во пет хируршки сали.
Но, формалдехидот во три хируршки сали, од кои две на Детска хирургија и една на Клиниката за трауматологија, не ги задоволувале пропишаните вредности односно присутните штетности се движеле надвор од рамките на законски дозволените норми.
Фирмата што го извршила мерењето, препорачала да се изврши замена на постоечкиот компресор со нов и редовно да се одржува компресорската инсталација.
„Исто така, потребно е да се утврди изворот на присуството на формалдехидот“, пишува во заклучокот од извршеното мерење.
Салите со повисоко ниво на формалдехид имале концентрација на штетниот гас од 1003, 1324 и 1154 делови на милијарда (ppb – parts per billion).
Долгорочна изложеност на формалдехид придонесува за појава на рак. Кај луѓето кои се сензибилизирани на формалдехидот, тоа може да предизвика астма и дерматитис. Кај луѓето кои не се сензибилизирани на формалдехид, долгорочната инхалација на ниски нивоа, има мала шанса да предизвика хронична пулмонарна повреда. Долгорочната изложеност на формалдехид може да предизвика карцином на носот и синусите, како и некои видови леукемија и лимфома. Симптомите се гадење, солзење на очите и чувство на горење во мембраната на носот, стегање во градите и главоболки.
До ден денешен не е утврдена причината за појавата на формалдехидот во овие три операциони сали во кои се оперирани и деца. За забележување од извештајот е тоа што во четири сали на ортопедија, концентрацијата на измерен формалдехид на 1 јули 2024 година била 0, односно воопшто го немало.
Ова мерење и испитување е направено на 1 јули годинава, кога уште беше во процедура распишувањето на тендер за нова компресорска станица на Клинички центар. Целиот зафат со новата компресорска станица се очекува да е готов за 4 месеци, според предвидувањето на министерот за здравство Арбен Таравари.
ДОКУМЕНТИ | Компримираниот воздух на Клинички кој всушност е лек, не бил според европски стандард!