Кардиологија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Три комисии испитуваат дали во Македонија се оперирале срца без потреба

Министерството за здравство ги привршува административните процедури за да ја формира странската комисија од експерти од далечни европски држави, која ќе проверува дали е точно тоа што го пријави интервентниот кардиолог Сашко Кедев, дека во Македонија се вршеле непотребни операции на срце за профит и наводно без медицинска индикација. Како што велат од Министерството за „Слободен печат“, до овој момент нема пријавено нови случаи, освен осумте претходно пријавени за евентуални непотребни интервенции на срце. Освен оваа комисија, формирана е и внатрешна комисија на Министерството за здравство со задача да ги испитува истите наводи, а свој увид ќе направи и Лекарската Комора на Македонија.

Рокот за завршување на извештајот од комисијата на странските ксперти ќе зависи од обемот на работата. Комисијата е формирана со цел собирање, обработка и анализа на податоци, со посебен фокус на периодот од 2022 до 2025 година во приватните и јавните здравствени установи. Истовремено, Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 – август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции. Процесот ќе биде максимално транспарентен. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб страницата на Министерство за здравство, информираат оттаму за „Слободен печат“. 

Лекарската комора уште ги очекува досиејата на осумтемина пациенти за кои што ќе се проверува дали соодветно им биле вршени кардиохируршки и кардиолошки интервенции, потврди за „Слободен печат“ претседателката на комората професор доктор Калина Гривчева Старделова.

-Ги очекуваме досиејата, уште не сме ги добиле. Потоа ќе ја свикаме нашата комисија, па ќе формираме посебна комисија која ќе ги разгледа случаите, ни рече доктор Гривчева Старделова.

Оваа комисија не е единствената која што се занимава со извршени операции на срце, откако интервентниот кардиолог Сашко Кедев изнесе тврдење дека во некои приватни здравствени установи, само за профит без медицинска индикација наводно се оперирале пациенти. Министерот за здравство Азир Алиу формираше уште една комисија, а ангажираше и странски експерти од далечни европски држави за да ги испитува овие наводи. Алиу вели дека во интерната комисија има медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила.

Инаку, интерната комисија на Министерството за здравство е составена од врвни екперти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничка болница Битола, д-р Валон Асани од Клиничка болница Тетово, д-р Никола Христов од Клиника „Жан Митрев”, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина”, како и претставници од ФЗОМ (д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска), Стефанка Петковска, правник и претставници од Министерство за здравство (д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама).

Пред неколку недели јавноста беше вознемирена од информации за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции што се изведувале во Македонија.

Оваа интерна комисија доби медицински досиеја за осум случаи кои треба да ги провери па да ги даде на постапување на странските експерти. Алиу најави дека ова нема да биде единствената област во која ќе се вршат проверки за оправданоста на изведените медицински интервенции и вети непристрасност.

Процесот кој започна е терапија за здравствениот систем за да се врати довербата во него. Терапија што започнува со кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции, но нема да застане тука – ќе се прошири кон сите сегменти на здравството, затоа што секоја област мора да биде заснована врз стручност, медицински докази и почит кон пациентите. Знаеме дека довербата не се враќа преку ноќ – чекор по чекор, докажуваме дека здравството е на страната на граѓаните и дека нема враќање назад. Никој нема да биде заштитен, ниту од јавното, ниту од приватното здравство, ако се докаже дека бил вклучен во извршување интервенции за кои не постои медицинска оправданост. Во исто време, никој нема да биде стигматизиран без докази, изјави Алиу.

Податоците од Фондот за здравствено осигурување за договорните надоместоци за здравствените установи кои вршат услуги од областа на кардиоваскуларна хирургија и детска кардиохирургија покажуваат дека државата не штеди кога станува збор за овие интервенции – со значителни буџети се снабдени и државните и јавните здравствени установи кои пружаат вакви животоспасувачки услуги. Сепак, на државната клиника за кардиохирургија постои голем недостиг на анестезиолози и бројот на операции е намален.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот