
Трговците немаат абер за да ги намалат маржите
Раководителите на дел од поголемите маркети за „Слободен печат“ велат дека првпат слушаат за Законот и дека ќе се намалуваат маржите, а досега не добиле никакви инструкции од менаџерските тимови. Неофицијално се зборува за некаков тивок бојкот од поголемите трговски синџири
Трговците сè уште не почнале да ги усогласуваат маржите според теркот на Законот за нефер практики, а нема индикации дека тоа ќе го сторат. Законот го донесе претходната влада во март годинава, за него гласаа пратениците од двете најголеми партии и со него маржата за повеќе од 2.500 производи е ограничена на 10 отсто.
Препорачано
Раководителите на некои од поголемите маркети за „Слободен печат“ велат дека првпат слушаат за такво нешто и дека досега не добиле никакви инструкции од менаџерските тимови. Неофицијално се зборува за тивок бојкот од поголемите трговски синџири. Упатените во оваа проблематика, пак, велат дека Законот за нефер практики е преригорозен и ако се почитува во актуелната верзија, речиси една третина од маркетите ќе мора да затворат. Со овој закон до крајот на септември треба да се стави ред во цените на овошјето зеленчукот и прехранбените производи и да се спречи самоволието на трговците и добавувачите.
Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агробизнис комората при ССК, за „Слободен печат“ вели дека на терен не се се случува ништо, а нема ни сигнали дека некои трговци веќе ги усогласиле маржите согласно Законот. Според Ѓорѓиевски, производителите и трговците веќе требало наголемо да разговараат за да се регулираат договорите за откуп.
-Не сакам ни да помислам дека трговците ќе дејствуваат поинаку. Имавме 6 месеци подготвителен и преоден период за усогласување со одредбите од Законот. Ваквата регулација не е македонска измислица, ја има насекаде во Европа и нејизната цел е да се напрфави фер трговија и соодветна заштита од дивеењето на цените поради маржите. Казните се навистина високи, непочитувањето може да чини некого 20.000 евра. Но, од трговските синџири нема сигнали дека скоро ќе седнеме да разговараме -посочува Ѓорѓиевски.
Дел од помалите трговци се скептични дека Законот за нефер практики навистина ќе воведе ред на пазарот. Според нив тој е преригорозен.
-Добро го претресов законот. Ако се спроведува во оваа форма, тој ќе значи клуч на вратата за најмалку една третина од помалите трговци. Не треба да заборавиме дека има голем дел од трговијата кој се одвива во сивата зона. Кој ќе му стави крај на тоа- прашува сопственик на трговски дуќан во Аеродром.
Законот за нефер трговски практики меѓу другото ја регулира и заработката на производителите, кои досега имаа само околу 2 отсто ќар, за разлика од трговците чии што маржи се движеа од 30 до 40, а во некои случаи кога се правеше намерен дефицит одеа и над 150 отсто, како што откри поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.
-Очекуваме да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика. Тој треба да ја зголеми предвидливоста и сигурноста за работа и на добавувачите и на купувачите – објасни и поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи.
Македонија прва ги следи европските директиви
Европската Директива за нефер трговски практики, беше објавена минатата година и е усвоена со 591 глас за, 21 глас против и 14 воздржани. Секоја земја-членка има две години да го имплементира во своето законодавство.
Ваква обврска имаат сите земји-кандидати за членство во ЕУ, вклучително и Македонија, кои се обврзаа да ги усогласат своите регулативи и практики со европските, врз основа на потпишаните Договори за асоцијација и асоцијација. Република Македонија е единствена земја во регионот која со овој закон се приближува кон легислативата на земјите членки на Европската Унија.
Директивата е производ на напорите на хрватската европратеничка Билјана Борозан, која на својот X профил напиша: „Денес и кажавме доста на индустријата! Денеска ги ставаме луѓето пред профитот!“ Како што е наведено на веб-страницата на Европскиот парламент, целта на Директивата е да ги заштити потрошувачите од погрешните деловни практики и да им помогне да направат подобар избор кога купуваат производи.