
Трговците лепат што ќе стигнат, никој не ги ферма двојазичните декларации
Законот за заштита на потрошувачите беше донесен по скратена постапка на 15 ноември 2022, а почна да применува по само 8 дена. Казните се движат и над 1.000 евра и затворање на дуќанот од 15 до 30 дена, но по три години очигледно е дека „стравот“ од казните е надминат и декларациите се нецелосни или воопшто ги нема
Ако не знаете албански или англиски, нема да знаете што содржи производот што сте го купиле. Граѓаните реагираат дека трговците и увозниците не ја почитуваат законската одредба и лепат декларации што не може да се разберат, а на некои производи воопшто и не ги ставаат. Тие прашуваат што ќе се случи ако некој производ содржи супстанции што не смеат да ги консумираат, а не дај боже ако се алергични на некој производ, тоа ќе го дознаат дури откако ќе се соочат со сериозни проблеми.
Препорачано
Законот за заштита на потрошувачите, кој беше донесен по скратена постапка на 15 ноември 2022, а почна да применува по само осум дена, предизвика револт кај трговците и увозниците. Засегнати се сите гранки – покрај производители на прехранбени производи и трговци, увозници на бела техника, облека и обувки, фармација или точно 13 гранки, бидејќи, освен на македонски или на некој друг јазик, сите потребни информации за производот мораат да бидат истакнати и на албански јазик. Тоа важи за декларациите, сертификатите, гарантните листови, упатствата за склопување и користење на производот, како и листата на овластени сервиси.
За да ја исполнат оваа обврска, сите приватни субјекти ангажираа преведувачи, што беше дополнителен и непотребен трошок во тогашната економска криза. На ваквото решение реагираа од двете стопански комори, но и од партијата Левица, од каде што тогаш посочија дека „ова е првпат на приватни субјекти да им се наметнува ваква обврска и дека ќе поднесат предлог-закон за измена на Законот за заштита на потрошувачите со кој ќе се бара враќање на обврската за информирање во претходната состојба“.
– Трговецот е должен информациите од ставот (1) на член 6 на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот – стои во поглавјето за информирање на трговците.
Според измените во Законот за тутун, од ноември 2020 година, на амбалажата на кутиите од цигарите, освен на македонски јазик, текстот е и на албански односно на писмото што го употребуваат најмалку 20 отсто од населението. Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, по донесувањето на Законот за заштита на потрошувачите, многу трговци одбиваа да примат производи без соодветни декларации, бидејќи казните се движат и над 1.000 евра и затворање на дуќанот од 15 до 30 дена. Но, по три години од неговата примена очигледно е дека „стравот“ од казните е надминат и декларациите се нецелосни или не се залепени.
– Купив тестенини, а на производот немаше никаква декларација. Дали беше одлепена или воопшто не беше ставена. На пазарот владее хаос, никој не проверува што јадеме – реагираат граѓаните.
Пропадна обидот за укинување на двојазичните декларации
Парламентарното мнозинство во февруари годинава го одби Предлог-законот за измена на Законот за потрошувачи, со кој се бараше укинување на обврската за двојазични декларации на производите, поднесен од пратеничката група на Левица. Образложувајќи зошто овој предлог нема да ја добие нивната поддршка, Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека нема да поддржат закон што нема да ги намали цените. Стојановски додаде дека СДСМ и Левица заборавиле дека Законот за заштита на потрошувачите бил донесен со Бадентер.
Сашко Јанчев од Левица тогаш порача дека со предложените измени на неколку члена, би се исправила неправдата врз македонските производители и трговците, затоа што предвидува обврска за двојазични податоци, што е против уставно, бидејќи амандманот 5 од Уставот не предвидува обврска за двојазичност за приватни лица во овој случај за трговците.
– Законот за двојазичност што е противуставен не предвидува обврска за употреба на албанскиот јазик за приватници. Во Гевгелија има производи со двојазични декларации, а производите ги купуваат Македонци, Срби, Грци и други странци, но не и Албанци, зашто во Гевгелија ги нема. Оваа обврска е надвор од здравата, економска и од каква било логика, а трговците ги чини и пари и време – образложи тогаш Јанчев.