
Третото издание на Скопскиот поетски фестивал носи интензивна и атрактивна програма
Третото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот од 24 до 28 септември на неколку локации во Скопје, и тоа во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.
Препорачано
На фестивалот ќе гостуваат поети од Данска, од Малта, од Франција/Сирија, од Хрватска и од Србија, а ќе настапат и повеќе од 50 домашни поети.
Официјалното отворање е закажано за 27 септември, во 20 часот, во МКЦ со настанот наречен „Воздух. Ветер. Дишење.“. Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги, изложба на фотографии, ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе има музички концерт, мастерклас и работилница за креативно пишување поезија, што ќе ја одржи Имануел Мифсуд, панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство и јога во природа со поетска медитација.
На интернационалното поетско читање ќе настапат Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта), Лана Деркач (Хрватска), Мартин Глаз Серуп (Данска), Николина Андова Шопова (Македонија), Драгослав Дедовиќ (Србија) и Ален Брлек (Хрватска).
Во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани поетскиот филм „Кршливоста е дар, смртта е нестабилна, а светот е жеден за збор“ на Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, како и омнибус со четири анимирани филмови со заеднички наслов „Небиднина“, посветени на поезијата на Ацо Шопов, а меѓу нив се „Долго доаѓање на огнот“ во режија на Жарко Иванов, „Грозомор“ во режија на Крсте Господиновски, „Небиднина“ во режија на Иван Ивановски и „Во сонот на црната жена“ во режија на Владимир Лукаш.
Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (ХДП), „ПНВ Публикации“ и „Бест Вестерн Хотел Турист“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а медиумски партнер е „Култура Бета“.
Организаторите на Скопскиот поетски фестивал веќе размислуваат и за следната генерација поети и со таа цел на 24 септември во кафе-книжарницата „Буква“, од 20 часот, ќе се одржи „Отскочна даска“ – настан за млади поети на возраст од 16 до 25 години.
На настанот ќе читаат Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасевски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски.
Истата вечер ќе се одржи и „Неисцрпен ‒ трибјут за Бошко Бозаџиевски“ (15 години од смртта) со поетско-музички перформанс на ВИС „Тркалезна маса“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 197, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.9.2023)