Слободан Трендафилов / фото: МИА

Трендафилов: Владата не е против поголема минимална плата, се противат другите два синдиката

Зголемувањето на минималната плата и примената на колективните договори биле во фокусот на денешниот состанок на синдикатите и Владата. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов изјави дека Владата не била против зголемувањето на минималните примања во државата, туку се противеле другите два синдиката кои присуствувале на денешниот состанок. Тие барале да се укинат одредбите на Општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот секор или Општиот колективен договор практично да се стави ад акта, вели Трендафилов.

Според него, единствено ССМ на денешниот состанок ги истакнал барањата на работниците.

– Работниците во Македонија немаат толку голем проблем со Владата, колку што имаат со останатите синдикати. Единствено Сојузот на синдикати на Македонија денеска ги истакна барањата на работниците, вклучително растот на минималната плата, растот на сите останати плати, како и почитувањето на општиот колективен договор за јавниот сектор и потребата од зголемување на платите во јавниот сектор за 12,6 проценти – изјави Трендафилов.

Тој рече дека во наредниот период ССМ ќе продолжи да разговара за растот на платите, нагласувајќи дека Владата не била против зголемување на минималната плата.

– Владата во овој момент не е против зголемувањето на минималната плата, а се разбира дека разговаравме и за зголемување на платите во останатиот сектор, особено за министерствата за кои ССМ и Синдикатот на УПОЗ веќе неколку недели преговарат со Владата, односно она што го бараат работниците – додаток на плата за 30 проценти – рече Трендафилов.

Според него, во следниот период сите вработени во јавниот сектор треба да добијат зголемување на нивните плати, но, како што рече, другите два синдиката бараат укинување на одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот сектор.

– Сакаме да упатиме порака дека следниот период сите вработени во јавниот сектор, 128 илјади на број треба да добијат зголемување на нивните плати, меѓутоа она што е лошо е тоа дека другите два синдикати кои што учествуваа на состанокот бараат да се укинат одредбите на општиот колективен договор во процесот на растот на платите во јавниот сектор или да се стави општиот колективен договор ад акта што ќе каже дека ќе нема примена во ниту една одредба. ССМ како потписник смета дека општиот колективен договор треба да се применува и во наредниот период, а со Владата како потписник од другата страна стоиме на располагање да седнеме да разговараме за сите спорни прашања – рече Трендафилов.

Наспроти него, претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) Благоја Ралповски, оцени дека тоа што го бара ССМ е популизам, истакнувајќи дека со покачувањето на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.

Според Ралповски, со покачувањето на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата.

– Нашето прашање до другите синдикати беше дека со покачување на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени 70.000 или 80.000 вработени од 700.000 вработени во државата. Го прашавме претседателот дали се спремни на почитување на Законот на минимална плата имаме колективни договори на ниво на гранка и дали се спремни сето тоа да го субвенционираат и дали можат да го издржат сето тоа, затоа што ние и во минатото и сега бараме само почитување на законите и колективните договори. Она што ССМ го бара е популизам – рече Ралповски.

Околу минималната плата, тој рече дека на состанокот било истакнато дека Владата не е спремна да ги субвенционира платите, бидејќи имала законска обврска сите плати во јавниот сектор потоа да се покачат.

– Владата изјави, на чело со премиерот, дека не се спремни да ги субвенционираат платите, затоа што имаат законска обврска сите плати во јавниот сектор потоа да се покачат, дека немаат толкаво предвидено покачување во буџетот, тоа ќе биде огромен товар и дека ќе имаат проблеми со меѓународните фактори кои што се кредитори на оваа земја. Но, останува прашањето отворено, доколку е подобра економската состојба во наредниот период, да седнеме и да разговараме со нив – рече Ралповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот