
Трендафилов: Платите мора да се зголемат, оти во Македонија секој ден „двајца јадат, двајца гледаат“
ССМ е разочаран бидејќи на денешната седница на Економско-социјалниот совет нема да се расправа за зголемување на платите
ССМ ја добил поканата за денешната седница на Економско-социјалниот совет, но за жал на дневен ред ја нема точката за зголемување на минималната плата, туку ќе се дискутира за вредноста на синдикалната кошничка, изјави пред седницата Слободан Трендафилов, претседател на ССМ. Тој е разочаран од ваквиот след на настаните и оцени дека средбата ќе биде искористена „веројатно да ги убедуваат дека во Македонија добро се живее и дека нема потреба од зголемување на платите“. Колку ни е добро, граѓаните покажаа со петочниот бојкот на трговијата. Според претседателот на ССМ, граѓаните бојкотираа бидејќи им е скап животот и не може да се прехранат или во пракса „секој ден двајца јадат, двајца гледаат“.
Препорачано
-Пред седницава имавме средба на целото претседателство на ССМ и сите се согласивме дека треба да побараме точката за зголемени плати во јавниот и приватниот сектор мора да се разгледа. Изминатиот период одржавме средби и со работодавачите и коморите и горе-долу ги знаеме нивните првични гледишта. И тие сметаат дека минималцеот треба да се зголеми. Се разбира, треба да најдеме начин како Владата да субвенционира дел од придонесите за работодавачите да ја дадат сумата која сами ја посочија (500 евра) или пак одреден период тие да бидат ослободени за давачките за платите, со што сметаме дека ќе се елиминира сивата економија и платите во плик. Да почекаме да видиме какви ќе бидат дискусиите на останатите партнери, секој ќе тргне со свои аргументии. Се договоривме во февруари да имаме најмалку по две неделни средби на ЕСС. Сите се за растот на платите, оти е недозволливо платите само во Македонија да стагнираат и да не се зголемуваат, а во регионот минималецот да се движи од 457 до 1.000 евра – рече Трендафилов.