
Требаше да му биде најголем ривал на Џордан, но почина од кокаин само два дена по НБА драфтот (ВИДЕО)
Трагична судбина на еден од најголемите кошаркарски таленти, Лен Биас.
За него експертите зборуваа дека треба да биде најголемиот ривал на Мајкл Џордан, да биде тоа што Лери Бирд беше за Меџик Џонсон, но многумина брзо го заборавија неговото име како и филмот од 2009 година за неговата трагична смрт.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Станува збор за Леонард Биас, во јавноста беше попознат како Лен Биас, кој трагично го загуби животот на 19. јуни 1986 година, славејќи го влегувањето во НБА лигата.
Биас почина на само 22 години, а требаше да биде дел од новата ера во Источната конференција и да ги продолжи дуелите со Мајкл Џордан кои ги имаше претходно во НЦАА лигата.
Според медиумите, Биас потекнуваше од добро, религиозно семејство, а големиот талент за кошарката му ја донесе и наградата за АЦЦ играч на годината.

За време на четирите години во НЦАА лигата кои ги помина во Универзитетот Мериленд имаше просек од 16.4 поени и 5.7 скокови по натпревар со 54% реализација на шутот, додека Џордан во Северна Каролина имаше просек од 17.7 поени, 5 скокови и 54% реализација на шутот.
Тогашните експерти велеа дека Биас е комбинација на елегантноста која ја имаше Џордан и суровата сила на Шон Кемп.
– Имаше одличен влез, играше одлична одбрана и имаше одличен шут. Беше ол стар играч секоја сезона. Играше со страст. Бостон ќе има поинаква ѕвезда – зборуваше тогашниот претседател на Бостон, Ред Оербах, веднаш по изборот на Биас на драфтот.
Оербах откри дека дури две години работел на тоа да дојде до Биас и неговата „операција“ започнала уште во 1984 година.
Тогаш во Сиетл го испратил Џералд Хендерсон за да го добие изборот од првата рунда на драфтот во 1986 година. Благодарение на слабите игри на Сиетл, Бостон во 1986 година избираше како втор на драфтот и на 17 јуни се без размислување го избра Биас кој веднаш по драфтот се врати со семејството во родниот Мериленд.
Наредниот ден, Биас заедно со својот татко отпатува за Бостон за да потпише петгодишен договорот со Рибок вреден 1.6 милиони долари.
Потоа, Лен Биас замина во студентскиот кампус во Мериленд за да се поздрави со соиграчите од универзитетската екипа.
„Лен околу 23 часот пристигна во кампусот каде беше дочекан од многу негови соиграчи и членови на фудбалскиот тим. Додека јадеше идната НБА ѕвезда одговараше на сите прашања од пријателите. Околу 1.30 часот по полноќ се приклучи на забавата во кампусот. Таму имаше многу кокаин, а Биас ја направи судбоносната грешка со тоа што конзумираше кокаин“, стои во еден од текстовите на американските весници кои опишуваат што се случуваше таа кобна вечер.
Полицијата на 19 јуни 1986 година во 6.32 часот добила повик за помош, а по обидите да се реанимира, лекарите во 8.55 часот прогласиле смрт на Лен Биас. Како причина за смртта беше наведена аритмија која е поврзана со користењето на кокаин. Други дроги или алкохол не биле пронајдени во неговото тело.
На комеморацијата која се одржа четири дена подоцна присуствуваа околу 11.000 луѓе, а Ред Оербах на неговата мајка и го подари дресот на Бостон со бројот 30 во кој требаше нејзиниот син да игра во НБА лигата.
Семејството Биас четири години подоцна доживеа уште една трагедија, во престрелка беше убиен нивниот син и од тој момент родителите станаа борци за социјална свест. Мајката се бореше против употребата на дрога, а таткото против употребата на оружје.
Бостон селтикс во сезоната 1986/87 стигнаа дури до големото финале каде загубија од ЛА Лејкерс, а многумина веруваат дека со Биас во тимот, селтикси ќе ја освоеја титулата и во наредните години немаше да има шампионска генерација на Детроит пистонс.