
Трамп потпиша за распоредување на 300 војници од Националната гарда во Чикаго
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата потпиша извршна наредба за распоредување на 300 војници на Националната гарда во Чикаго, изјави Абигејл Џексон, портпаролка на американскиот претседател, додека тензиите во градот не стивнуваат со недели поради протестите против зголеменото присуство и операции на ИЦЕ, полицијата за имиграција и царина, пренесува Би-би-си.
Препорачано
„Претседателот Трамп овласти 300 војници на Националната гарда да ги штитат федералните службеници и федералниот имот“ во Чикаго, рече Џексон.
Мерката предизвика жестоко противење од избраните функционери и локалните функционери во градот контролиран од демократите.
Третиот по големина град во Соединетите Американски Држави е во фокусот на протести откако минатиот месец започна федералната операција на ИЦЕ против имигранти во областа кои не поседуваат легални документи.
Тензиите се високи во Чикаго во последните недели, бидејќи администрацијата на Трамп ги засили своите напори за депортација на имигранти, апсејќи многумина кои немаат криминално досие.
Во саботата, агенти на американската гранична патрола застрелаа жена која носеше пиштол во Чикаго, соопшти Министерството за внатрешна безбедност, за време на судирите меѓу демонстрантите и агентите на ИЦЕ на југозападната страна од градот. Жената, државјанка на САД која не е именувана, сама отишла во болница, се вели во соопштението. Не беа достапни дополнителни информации за состојбата на жената.
Агентите на ИЦЕ употребија бибер спреј и гумени куршуми во насилните судири со демонстрантите.
Во петокот, избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата пред притворниот центар Бродвју. Жителите на Чикаго организираа многу протести против присуството на федералните агенти во државата, а фокусот беше ставен на објектите на ИЦЕ во Бродвју, заедница оддалечена околу 15 километри од градот и населена главно со црнци.