
Трамп: Постигнат е договор меѓу Кина и САД, наскоро ќе има разговори со Си Џипинг
На состанокот на делегациите на Кина и Соединетите Американски Држави, постигнат е договор поврзан со „компанија од Кина“ која е „многу популарна меѓу младите“ во САД, објави денес американскиот претседател Доналд Трамп.
Препорачано
„Постигнат е договор за компанија која младите во нашата земја многу сакаат да ја спасат. Ќе бидат многу среќни“, напиша Трамп на својот профил на мрежата Truth Social, алудирајќи на бизнисот на платформата TikTok во САД.
Трамп објави дека ќе разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг во петок.
Тој оцени дека состанокот на делегациите на двете земји во Шпанија поминал добро.
Преговорите меѓу американската и кинеската делегација за економски прашања се во тек, а вчера последната рунда се одржа во Мадрид каде што се дискутираше за царината, продажбата на TikTok во САД и економијата.
Ова беше четврти пат во последните четири месеци делегации од двете земји да се сретнат во европски градови, а најновата средба има за цел да се спречи понатамошно влошување на трговските односи меѓу САД и Кина.
Претходно денес, Кина ги обвини САД за „еднострано малтретирање“ поради тоа што ги повикаа своите сојузници да воведат тарифи врз Кина за купување руска нафта.
Како што објави кинеското Министерство за трговија, Кина, исто така, се спротивставува на барањето на Вашингтон Групата од седум земји од Г7 и земјите-членки на НАТО да воведат секундарни тарифи за увоз од Кина.
Кинеското министерство ги повика САД да бидат „разумни во зборовите и постапките“ и да ги решаваат разликите преку рамноправен дијалог.