Трамп и Иџеј Ентони/Фото: Трут Сошал

Трамп назначи конзервативен економист за шеф на Бирото за статистика на трудот

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот го назначи Иџеј Ентони, економист во високо конзервативен тинк-тенк, за раководител на главната статистичка агенција за труд на американската економија (БЛС), речиси две недели откако го отпушти нејзиниот поранешен комесар поради објавување на неповолни податоци за вработувањето.

На 1 август, тајкунот ја обвини Ерика МекЕндерфер, без да презентира никакви докази, за манипулирање со бројките за да се наруши имиџот на неговата администрација, барајќи нејзино „итно“ заминување.

Соопштението запрепасти многу економисти и ја налути опозицијата.

„Со задоволство објавувам дека го именувам високо почитуваниот и остварен економист Иџеј Ентони за комесар на Бирото за статистика на трудот“, соопшти Трамп преку Трут Сошал.

„Нашата економија е во подем и Иџеј ќе се погрижи бројките што ќе бидат објавени да бидат искрени и точни“, додаде тој, пишувајќи ги двете придавки со големи букви, што е негов обичај за нагласување.

Одговорен за економски прашања во Фондацијата Херитиџ, позната по своите многу конзервативни ставови, Ентони потпиша серија статии на веб-страницата на тинк-тенкот во кои ги фали политиките на републиканскиот претседател.

БЛС до ден-денес често ги ревидира, за подобро или полошо, податоците за вработеноста што ги објавува по нивното првично објавување. Понекогаш, флуктуациите се спектакуларни.

Најновата значајна корекција, на почетокот на август, ја ревидираше вработеноста надолу за последните два месеци (–258.000 работни места).

Токму оваа ревизија на податоците предизвика излив на гнев кај претседателот Трамп, поттикнувајќи го да ја отпушти комесарката МекЕндерфер, која исто така ја обвини, без да презентира никакви докази за ова конкретно тврдење, за „фабрикување“ поволни бројки за вработеност со цел „да ги зголеми шансите за победа“ за спротивниот табор, Демократската партија, на минатогодишните претседателски избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот