
Трамп им понуди на притворените Јужнокорејци од „Хјундаи“ да останат за да ги обучуваат Американците – само еден прифати
Стотици јужнокорејски работници уапсени минатата недела во рација на американските имиграциски власти во фабрика на „Хјундаи моторс“ во изградба во Џорџија се ослободени и наскоро ќе бидат однесени на аеродромот за да се вратат во нивната земја.
Препорачано
Решавањето на прашањето, кое предизвика тензии во односите меѓу Вашингтон и Сеул, беше постигнато по билатералните консултации одржани претходно оваа недела, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
Јужнокорејските власти претходно објавија дека американскиот претседател Доналд Трамп понудил да им дозволи на јужнокорејските работници да останат во САД за да обучуваат американски работници, но само еден од нив одлучил да остане.
Поточно, Трамп им рекол на американските власти да ги „охрабрат“ работниците уапсени во фабриката за батерии да останат во земјата, според функционер на јужнокорејското Министерство за надворешни работи, за да продолжат со едукација или обука на американски работници.
Јужнокорејскиот министер за надворешни работи Чо Хјун, кој беше во Вашингтон за да разговара за ова прашање со американскиот државен секретар Марко Рубио, предложи Јужнокорејците да се вратат во својата татковина за да се опорават, а потоа да се вратат доколку сакаат, додаде функционерот.
Белата куќа, американскиот Стејт департмент и Министерството за внатрешна безбедност не одговорија на барањата за коментар.
И покрај привременото решавање на проблемот, јужнокорејскиот претседател Ли Џае-мјунг, изразувајќи го разочарувањето на Сеул, во четвртокот предупреди дека потегот на Вашингтон би можел да има „значајно влијание“ врз идните инвестиции на неговата земја во САД.
Тоа е затоа што минатонеделниот упад во фабриката за батерии на „Хјундаи мотор“ и „ЛГ енерџи солушн“ вредна 4,3 милијарди долари, предизвика шок низ Јужна Кореја и покрена прашања кај јужнокорејските компании за одржливоста на работењето во Соединетите Држави.
Корејските бизниси се жалат на строгите американски ограничувања за визи за квалификувани странски работници, за кои велат дека го отежнуваат брзото испраќање персонал за решавање на сложени проблеми што произлегуваат од изградбата на најсовремени фабрики или за обука на локални работници.