
Трагедијата во Кочани засега го спасува Коцевски
Советот на јавни обвинители сепак ќе треба да даде позитивно или негативно мислење за предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, иако Владата ја стави постапката во мирување.
Препорачано
Владата нема да испрати допис до Советот на јавни обвинители дека се прекинува постапката, туку ќе го чека нивното мислење, но нема да го прати во Собрание каде што беше стокмено мнозинство од собранискиот состав за да гласа за негово разрешување.
– Да појаснам дека Владата, и доколку добие мислење од Советот на јавни обвинители, ќе ја запре постапката, односно истото нема да го прати до Собрание, а се разбира Советот на јавни обвинители, во согласност со роковите што ги има, ќе постапува – изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Сменета реторика
Владата ја иницираше постапката уште во февруари, по секојдневни критики до Коцевски и до обвинителите, но ја смени реториката по трагедијата во Кочани, која сега ја истражуваат обвинителски тимови предводени од државниот обвинител.
По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека се стопира постапката за разрешување на Коцевски, Советот на јавни обвинители вчера немаше кворум за седницата, на која точка на дневен ред требаше да биде разрешувањето на републичкиот јавен обвинител.
Во салата на Советот воопшто не се појави ниеден од членовите, ниту претседателката Душица Димитриеска. Генералниот секретар на Советот само ги извести новинарите дека седница нема да има, бидејќи немало кворум. Димитриеска на краток брифинг со новинарите кажа дека тројца од членовите кажале дека нема да дојдат поради здравствени и семејни причини, но не кажа кои се тие членови. Таа уверуваше дека нема никакви скриени игри, иако некои работи случајно се совпаднале.
Седницата за разрешување на Коцевски беше закажана на 18 март, но беше одложена поради големата трагедија во Кочани.
„Седницата закажана за ден 18.3.2025 година во 12 часот поради оправдани причини – седумдневна жалост прогласена со одлука на Владата на Република Северна Македонија, се одлага за ден 26.3.2025 година, со почеток во 10:30 часот. Воедно, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија изразува длабоко сочувство до семејствата на починатите во трагедијата, која се случи во Кочани и им посакува брзо оздравување на повредените – соопшти Советот минатата недела.
За тоа кога ќе биде закажана седницата за разрешувањето, Димитриеска кажа дека јавноста ќе биде навремено информирана и дека уште течат роковите за тие да дадат мислење. Информацијата дека се стопира постапката за разрешување на Мицкоски ја соопшти премиерот, кој рече дека разрешувањето ќе се запре во моментот до таму каде што се наоѓа.
– Во овој момент, имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството, планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите што работат, посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни, впрочем, можев да видам дека постои една заедничка акција и работа меѓу МВР и Јавното обвинителство што резултираше со 34 обезбедени лица за кои имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај – изјави Мицкоски.
Од почетокот на трагедијата во Кочани, Коцевски се појавува во јавноста како раководител на институцијата која ја води истрагата за трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 млади луѓе и речиси 200 се повредени. Сепак, Мицкоски му прати порака на Коцевски повторно да преразгледа случаи од минатото за да се утврди дали таа правда била селективна. Тој во телевизиско гостување дури и го пофали Обвинителството за нивниот ангажман во истрагата за пожарот, и покрај разликите што ги имале.
Неправилности од минатото
– Секојдневно се работи по 16 до 18 часа и досега мислам дека врз основа на ова што го гледам во овие три дена, се работи заеднички – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да утврдат основано сомневање за постоење одговорност, нормално, да се обезбедат лицата и тоа да биде проширено. И мислам дека се проширува, но истовремено да покажат и неселективност, тоа е она што граѓаните, исто така, го очекуваат од нас – рече Мицкоски.
Премиерот дополни дека јавноста е чувствителна на некои случаи од минатото.
– Ќе треба да видиме, да почекаме, Јавното обвинителство дали има амбиција и тука да констатира некои неправилности од минатото и дали би можело можеби повторно можеби тие случаи да ги преразгледа, па да видиме дали навистина сме сите за правда или таа правда треба да биде селективна. Да видиме дали навистина таа правда некогаш е добиена или таа правда била селективна. Ние како Влада го охрабруваме, тоа е работа на Обвинителството, не е наша, но го охрабруваме во таа насока да се движи и, без разлика, секој што направил каква било грешка и работел спротивно на законот да биде санкциониран – рече Мицкоски, кој претходно постојано ја критикуваше работата на Обвинителството.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски, кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години. Опозицијата, пак, обвинува за селективно водење на истрагата за трагедијата во Кочани затоа што не се уапсени актуелни функционери што биле на позиција кога се случи несреќата.