
Тошковски: Македонија има потреба од силна полиција, дојде време да покажеме дека државата е посилна од било кој криминалец
Вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци беше одбележана 24-годишнината од формирањето на Единицата за брзо распоредување. На плоштадот и во општинската зграда беше изведена и тактичко – показна вежба.
Препорачано

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министри, дипломати, многубројни гости и граѓани, порача дека овој ден е посветен на сите припадници на ЕБР, на оние што и денес се во служба, на оние што низ годините со чест ја носеле униформата, на семејствата кои секогаш стојат зад нив, но и на нашите херои што го положија својот живот во извршување на службената должност.

„Одбележуваме 24 години од формирање на ЕБР, години исполнети со професионализам, пожртвуваност и верност кон државата и граѓаните. Во тие години, дел од нашите припадници ја платија највисоката цена, го дадоа својот живот за Македонија. Нивната жртва е втемелена во историјата на ЕБР и останува трајна обврска за сите нас да продолжиме по патот што тие го трасираа“, нагласи министерот.

Тој додаде дека единицата за брзо распоредување низ годините се изгради како современа, добро обучена и доверлива формација.
„Нејзините припадници постојано ги усовршуваат своите способности и знаења, следејќи ги највисоките полициски стандарди и прилагодувајќи се на новите безбедносни предизвици. Тоа што ја прави ЕБР посебна е фактот дека секој нејзин припадник е подготвен да преземе одговорност и да дејствува во најтешките и најризичните ситуации, каде одлуките мора да се донесат за секунди. Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните“, подвлече Тошковски.

Нагласи дека дошло време да покажеме дека државата е посилна од било кој криминалец, било која мрежа, било која коруптивна структура, „дојде време да си ја вратиме довербата во институциите“.
„Вие сте тие што сте на првата линија, вие сте тие што секојдневно ја носите тежината на униформата, а со неа и одговорноста да се застане во одбрана на животот, на мирот и на безбедноста на граѓаните. Вашата работа е тивка, но вашите дела зборуваат гласно. И токму затоа, еден од нашите приоритети ќе биде да ја негуваме, унапредуваме и опремуваме Единицата за брзо распоредување, бидејќи Македонија има потреба од силна полиција што секогаш е подготвена да се исправи пред предизвиците. Ние сме должни да ви обезбедиме најдобри услови, современа опрема и обуки, затоа што вие тоа го заслужувате“, рече Тошковски.
Нашата определба, рече Тошковски, е да изградиме систем каде нема да има страв, каде законите ќе важат еднакво за сите и каде државата ќе биде сојузник на граѓаните, а не на криминалците. „Ова е борба за иднината на нашата земја, борба за подобра и посигурна држава за сите нас“.