Панче Тошковски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тошковски ќе магистрира додека е министер, на тема од неговиот ресор – и во тоа не гледа проблем

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не гледа никаков судир на интереси, ниту злоупотреба на јавната функција за лични цели во фактот што тој ќе магистрира на Правниот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ додека е на министерската функција. Во интервју за „360 степени“ на МРТ, Тошковски на прашањето дали гледа проблем во тоа, одговори: „Апсолутно не“.

Насловот на магистерскиот труд е „Криминолошки и компаративни аспекти за унапредување на безбедноста во јавниот сообраќај“, што отвора дилеми за тоа колку е соодветно Тошковски да добие приватна научна титула во време кога е на јавна функција и на тема до која има детален пристап токму поради таа функција, за која е платен со јавни пари.

„Апсолутно не. Зошто? Заради тоа што една магистерска теза која би требало да биде направена од било кој што, нели, сака да даде научен придонес со своето знаење, искуство, вештина итн., би требало апсолутно во целост да има практична имплементација за да има додадена вредност и од научен аспект и од практичен аспект. Чуму би ми била мене магистерската теза „Сејф сити“ ако јас не ја имплементирам? Ако таа не даде додадена вредност во пракса и обратно, од научен аспект би требало да седне да напише научна теза која би била на ниво на магистериум, оној што, да речеме, еве така ќе земам пример, завршил Правен факултет со минимум 8,5 просек, оној што запишал магистерски студии уште далечната 2005-2006 г., оној што положил уште тогаш седум-осум испити поврзани со кривично право и криминологија, оној што работел година дена, година и пол во суд, работел година, година и пол кај други адвокати, работел во Министерство за транспорт и врски на исто така поврзани теми со областа“, рече Тошковски.

Министерот вели дека ќе се сложел со тезата дека станува збор за неетички потег доколку тој злоупотребел податоци кои би му биле достапни само нему, а не и на останатите магистранди од областа.

„Секој еден податок што јас го имам употребено во рамки на мојот магистерски труд, што би ви препорачал да го прочитате утре, друг ден, кога ќе биде официјално одбранет, првична верзија од истиот да имам напишано, но би ве замолил да го прочитате и се надевам дека ќе може таму да видите, вака да речам, одредени податоци што се и сега јавно достапни податоци. Тоа се анализирани, компаративни анализи се направени на земји од Европската Унија, на податоци што ги имаме дадено ние како Министерство за внатрешни работи на нашата веб-страница, на податоци што, да речеме, ги имам анализирано од страна на Европскиот суд за човекови права итн. Нема податоци што не се јавно достапни“,
тврди Тошковски.

На прашањето кога наоѓа време за активностите поврзани со магистратурата и за полагање испити, со оглед на министерската работа, тој одговори дека спие само пет часа дневно.

„Сите што ме знаат, знаат дека спијам пет часа. Кога не сум болен. Кога сум болен спијам и по 20. Кога не сум болен, спијам пет часа. Тоа е, таков ми е биоритамот. И дали вложувам во ова цел свој живот? Да. Дали сум имал идеја пред ова на што да магистрирам и да дадам додадена вредност од себеси, од аспект на моите професионални знаења? Не. Сега добив идеја и инспирација да магистрирам на тема што лично ме повредува. Не знам како да ви кажам, едноставно не можам да ја прифатам бројката на 142 жртви секоја година што ги имаме во Македонија“, вели министерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот