
Томовски: Дали Коцевски дал амин за прислушкување на Мицкоски, новинари и на бизнисмени?
Директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата (СОЗР), Ивица Томовски, реагираше на најновите објави за незаконско следење и за прислушување во периодот од 2019 до 2024 година, оценувајќи дека станува збор за скандал „од невидени размери“.
Препорачано
Тој вели дека во тој период биле прислушкувани сегашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и новинари, медиуми и бизнисмени.
„Ќе потсетам дека тогашната власт дојде со проектот ‘Вистината за Македонија’. Седум години подоцна, вистината е поинаква – грда, но и болна. Тогашната власт ја следела опозицијата. Сигурен сум дека тоа сега ќе го правдаат со разно разни белешки, инструирани и фабрикувани случаи за надворешно влијание, измислени и наместени причини. Така работела власта којашто, наместо да штити државни интереси, преку злоупотреба на државните механизми штитела лични интереси“, напиша Томовски.
Тој побара одговори на повеќе прашања, меѓу кои и кој бил одговорен за издавањето на посебните истражни мерки (ПИМ) во наведениот период.
„Главните прашања кои мора да бидат одговорени се: кој бил одговорен да го следи издавањето на ПИМ од 2019 до 2024 година? Дали е впрочем за тоа одговорен сегашниот јавен обвинител Љупчо Коцевски? Ако тоа е така, станува појасно зошто СДСМ и ДУИ не гласаа за негово разрешување“, истакна директорот.
Според Томовски, скандалозно е што и денес лидерот на СДСМ, Венко Филипче, е опкружен со луѓето кои, како што вели, прислушувале и го злоупотребувале системот.
„Истите тие се дел од понудата на СДСМ. Но, треба и да се одговори на прашањето кому и зошто служеле прислушкуваните материјали? Во која европска држава се следат лидер на најсилна партија и новинари и медиуми? Дали со добиените информации се тргувало со влијание и се уценувале бизнисмени? Времето ќе покаже и ќе ги даде одговорите. Одговорност мора да има“, вели тој.