
Том Круз му оддаде почит на Вал Килмер: „Му посакувам сè најдобро на следното патување“
Холивудската ѕвезда Том Круз му оддаде почит на својот колега од филмот „Топ ган“ („Top Gun“), Вал Килмер, кој почина во вторникот на 65-годишна возраст.
Препорачано
Круз присуствуваше на годишната конвенција „СинемаКон“ во Лас Вегас, каде што го промовираше својот претстојен филм „Невозможна мисија: последната одмазда“ („Mission: Impossible – The Final Reckoning“). Сепак, пред да зборува за новиот проект, актерот побара од присутните да му се придружат во минута молк за неговиот починат колега.
„Би сакал да му оддадам почит на мојот драг пријател Вал Килмер“, рече Круз на сцената во хотелот „Цезарс палас“.
„Не можам да опишам колку му се восхитував, колку ми значеше неговото учество во ‘Топ ган’, а потоа и враќањето во ‘Топ ган: Маверик’. Мислам дека би било убаво сите заедно да одржиме минута молк, затоа што тој ги сакаше филмовите и ни даде многу. Само сетете се на сите прекрасни моменти што ги споделивме со него“.
Круз го заврши својот говор со емотивната порака: „Му посакувам сè најдобро на следното патување“.
Да потсетиме, Том Круз и Вал Килмер се запознаа на снимањето на „Топ ган“ во 1986 година, каде што ги играа ривалите Маверик и Ајсмен – двајца пилоти кои на крајот стануваат пријатели во елитната школа на американската морнарица. Филмот беше огромен успех, со заработка од 350 милиони долари низ светот и ги катапултираше Круз и Килмер во врвот на холивудската сцена.
По речиси четири децении, актерите повторно се најдоа заедно во продолжението „Топ ган: Маверик“ (2022), каде што Килмер уште еднаш се појави како Ајсмен во емотивна сцена – неговиот последен филмски настап.
Килмер се бореше со рак на грлото од 2015 година, што резултираше со загуба на гласот, а за неговата улога во Maverick беше користена вештачка интелигенција за реконструкција на неговиот глас.
Веста за неговата смрт ја потврди неговата ќерка, Мерцедес Килмер, откривајќи дека причината била воспаление на белите дробови.