Тимови трагаат по преживеани во хаваријата која настана по земјотресот во Албанија

Спасувачки тимови се обидуваат да ги пронајдат преживеани, заробени во урнати згради по силниот земјотрес што ја погоди утрово Албанија, и во кој загинаа најмалку 14, а повредени се повеќе од 600 лица.

Министерството за одбрана соопшти дека седум тела биле извлечени од урнатините во крајбрежниот град Драч, на 33 километри западно од главниот град Тирана, а пет тела се пронајдени во урната станбена зграда во северниот град Тумане.

Едно лице го загуби животот откако скокнало од својот дом во Курбин, на 50 километри северно од главниот град, додека друго лице почина на патот што се урна во северниот град Љеш, се вели во соопштението.

– Драч и Тумане се двете најтешко погодени локалитети, со голема материјална штета и … трагично загубени животи, рече министерката за одбрана Олта Џачка.

Таа рече дека работата за пребарување и спасување продолжува на сите локации каде се урнале згради.

– Но, овие се екстремно тешки операции, каде што треба да работите бавно бидејќи постои голем ризик од натамошно уривање, што ги загрозува не само жителите, туку и заробените, како и самите спасувачи, додаде таа.

Посебно тешка е ситуацијата во Драч каде спасувачите со раце ги чистат урнатините во потрага по преживеани.

Според најновите информации на албанскиот премиер Еди Рама, спасени се 28 лица, јави АТА.

Рама нагласи дека сите владини агенции работат во вонредна состојба и интензивно  на спасување на луѓе од Драч и Тумане.

Сеизмологот Рапо Ормени, од албанскиот Институт за геологија, енергија, вода и животна средина, рече дека „штетата во епицентарот ќе биде голема поради големата енергија на земјотресот”.

Потресот се почувствувал низ цела Албанија – до Бугарија, Босна, Италија и други земји, рече Ормени. Тој изјави дека имало повеќе од 150 последователни земјотреси и дека тие ќе продолжат.

-Последователните земјотреси би можеле да претставуваат закана за зградите кои се веќе оштетени од првичните земјотреси, но се уште не се урнати- рече Ормени, предупредувајќи ги луѓето да се држат настрана од зградите додека надлежните не потврдат дека се безбедни за влегување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот