Фото: Слободен печат

Тетовските пензионери трета недела на мирен протест: Со терапија сме на 40 степени, треба да изумреме за да се слушне нашиот глас

Бараме властите да го слушнат нашите крик за бедата во која живееме, вели пензионерката Ленче Симовска која со група пензионери од тетовско веќе трета недела во дворот на Здружението на пензинери Тетово се собираат на мирен протест, барајќи линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари.

Има големи разлики во пензиите. Тие кои се со ниски пензии едвај опстануваат и тие не се виновни што голем дел работале пред се во текстилните гиганти кои отидоа во стечај и се затворија, а пензионерите останаа без платен стаж, вели пензионерката Симовска.

„Маката не тера да се собереме тука, ние не треба да преживуваме тука да живееме. Дали овој наш крик ќе го слушне министерката Тренчевска, која вели дека разликата од минималната пензија до највисоката е 1 наспроти 4, но реалните бројки покажуваат дека таа разлика е 1 наспроти 7, ние ќе станеме социјални случаи со ваков статус. Тука сме веќе трета недела, тука сме со терапија, на 40 степени, треба да изумреме за да се слушне нашиот глас. Министерката Тренческа многу убаво знае кога рече дека со 15 години стаж не може да биде иста пензијата со тие што работеле 40 години. Во ред, но ние сме свесни дека за време на транзицијата многу фабрики беа затворени и тие луѓе што останаа со 15 години стаж, тоа не беше по нивна вина, тие останаа на улица и одеа по приватни фирми за да заработат за парче леб, каде не беа осигурани. Каде беа институциите да проверат зошто тие луѓе не се осигурани“, рече пензионерката Ленче Симовска.

Петре Костадиновски цел работен век го поминал во фабриката Југохром, имал добра плата, но сега пензијата како што вели му е обезвреднета.

„Јас сум бил вработен во Југохром, јас во тоа време сум бил средна класа, но сега пензијата ми се обезвредни. Една торбичка со храна 1000 денари, тука имам лебче нешто ситно и толку. Ова е голема сиромаштија, зголемени цените на храната, многу сум разочаран, голема инфлација“, вели пензионерот Петре Костадиновски.

Селвер Мемети претседател на Здружението на пензионери Тетово со подршка. Вели дека тетовските пензионери се едни со најниски примања во државата оти се работи за луѓе кои работеле претежно во текстилни фабрики каде земале ниски плати.

„Барањата се исти, бараме линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари. Бараме зголемување на минималната пензија на 18.000 денари. Просечната пензија да биде еднаква со минималната плата и да се анализираат сите овие барања, ако законски не е предвидено ова да се реализира, тогаш ние бараме по брза постапка со европско знаме да се донесе законот, тоа може да се реши како што е решено да се зголемат платите за 78 % за функционерите, така и за нас може да се реши. Пензионерите бараат достоинствен живот, со 10.000 денари не може да се преживее. Мора да им се помогне на пензионерите.Програмата на Обединети нации вели дека државата треба да се грижи за старите лица, а во таа категорија припаѓаат и пензионерите“, вели Селвер Мемети.

Во тетовско има регистрирано 14.000 пензионери, од кои според проценките на Здружението на пензионери Тетово, над 50% се со ниски пензии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот