
Тетово абер нема за градски парк, а постојните зелени површини стојат запуштени
Општина Тетово е сѐ уште „глува“ на барањето на иницијативата „Тетово сака парк“, која предлага локациите на поранешните фабрики „Монопол“ „Шик Јелак“ како и просторот околу „Жена-паркот“ и поранешниот Спортски центар да се пренаменат во градски парк. И по речиси една година од барањето, иницијативата тапка во место, а градот сѐ повеќе се гуши во бетон, асфалт и прашина.
Препорачано

„Скоро цела година општината остана неактивна и без никаков забележителен ангажман кога се во прашање зелените површини, но и воопшто за животната средина. Несфатливо и поразително за сите е ваквото игнорирање од општината. Да не заборавиме дека ние како иницијатива чекаме за стручна средба која ја вети градоначалникот уште од април годинава околу нашиот предлог за нов градски парк, соопштија за Слободен печат од „Иницијативата Тетово сака парк“.

И додека се чека мал позитивен исчекор за реализација на иницијативата, постојните слободни јавни зелени површини се целосно запоставени. Такви се површините од поранешниот Спортски центар, парцелите околу спортската градска сала, како и јавната површина каде порано беа поставени бараки од тетовската гимназија, каде следеа настава учениците од македонски наставен јазик.
„Градските власти велат дека нема простор, нема средства за да се уреди некој парк, а на градот тоа многу му недостасува. Но, зошто додека се чека реализацијата на „Иницијативата Тетово сака парк“, би бил задоволен и 40 % од таа површина што ја бараат да се пренамени во парк, зошто не се уредуваат постојните слободни површини. За тоа не треба средства многу. Една дренажа на земјата да се направи, косење трева, некој клупа да се постави и толку, зошто и тоа не го прават општинските власти. Нема каде да прошеташ во Тетово, се е со згради улици и тротоари, градот под Шара стана веќе нехуман простор за живеење“, вели еден жител на Тетово.
За запустените слободни зелени површини реагираа од иницијативата „Тетово сака парк“.
„Ако вели општината дека не може парк, а гледаме позитивни примери од цела Македонија за нови паркови, тогаш зошто општина Тетово не ги среди и уреди постоечките и запуштени површини? Вонредните избори за членови на совет се искористија како полигон за изговори. Претходните советници веќе беа “стари” да се бават со прашања за животната средина и за паркот, а новите пак беа “уште нови”. Не сме премногу оптимисти, но се надеваме дека 2023 година ќе биде многу подобра кога е во прашање животната средина. Ова е нова прилика општината да покаже во чиј интерес работи“, соопштија од „Иницијативата Тетово сака парк„.

Минатот месец градоначалникот Билал Касами на прес-конференцијата по повод една година од доаѓањето на функцијата, ја побара тетовската касарна да ја пренамени во парк.
Тој ја повика владата касарната да ја даде во владение на Општина Тетово, по што просторот би се пренаменил во модерен градски парк. Така, како што рече тогаш Касами, ќе им излезе во пресрет на тетовци, кои имаат голема потреба од ваков простор.