Тешко до паркинг-место во Ново Лисиче и Реонски центар, од Општината молчат зошто уште нема зонско

Ниту од Општина Аеродром, ниту од Градски паркинг нема одговор зошто сѐ уште не е воведено зонско во овие две населби и дали ќе се воведува истовремено во двете, иако проектот се најавува во изминативе три години.

Дали воведувањето на зонското паркирање во населбите Ново Лисиче и Реонски центар се „темпира“ да се реализира непосредно пред локалните избори, за да се добие „поен плус“ како проект сработен во интерес на граѓаните, ќе се види многу набрзо.

Нејасен е молкот од Општина Аеродром, а уште помалку на ЈП „Градски паркинг“, претпријатие кое ќе го спроведува зонското, на прашањата поврзани со регулираното паркирање кое долго време се најавува, но сѐ уште не се спроведува.

До нив очигледно не стигнуваат апелите на граѓаните кои се соочуваат со сериозни проблеми со паркирањето на овој простор и кои очекуваат дека воведувањето на зонското паркирање ќе ги избрка од тука оние кои не живеат во овие населби и кои со часови узурпираат паркинг места без никаков надомест.

Жители на Ново Лисиче се жалат дека имаат проблем со паркиралиштата околу градинката „Буба Мара“ и училиштето „Лазо Ангеловски“ кои се преполни со возила, проблем со кој се соочуваат и граѓаните кои живеат во тој дел, но и тие кои ги носат и земаат децата од овие установи.

По многу најави, зонското во Ново Лисиче и Реонски центар ќе стартува пред избори

Граѓаните кои живеат спроти паркот „Авионче“ и седиштето на ФФМ реагираат дека паркинг- местата се постојано зафатени поради настани во паркот и во тамошните кафетерии и настани во младински лиги на ФФМ, кога се паркираат и по десетици возила кои не се од населбата. Во близина на паркот „Нирнберг“ паркиралишта се окупирани од гости во локалните сендвичарници и кафулиња, а жителите стравуваат дека уште поголем проблем ќе биде кога ќе се отвори Лидл во овој дел од населбата.

Граѓаните кои живеат на влезот од населбата Ново Лисиче кај маркетот КАМ и ПСС, постојано имаат опседнати паркиралишта од возила дојдени од други населби кои тука ги оставаат автомобилите, а потоа со службени автобуси продолжуваат од автобуската станица со безцаринските зони надвор од градот. Во вечерните часови и преку денот овие паркирлишта се узурпирани од возила кои се паркираат од лица од други населби кои работат во населба Аеродром за да ја избегнат зоната преку улица. Истото се случува и со лица кои своите службени возила ги паркираат во овој дел на Ново Лисиче – реагираат од групата „Ново Лисиче“.

Оттаму тврдат дека иако проблемот е огромен и повеќепати реагирале во Општина Аеродром, засега ништо не е решено.

Факт е дека населбата е преполна со возила кои не се на матичните граѓани од населбата, пред сѐ службени возила, возила кои транзитираат работно и користат слободна зона за паркирање, хаварисани возила, половни возила на продажба, товарни возила и автобуси – велат граѓаните.

Тие потсетуваат дека поминале два месеци откако градоначалникот Дејан Митески вети дека веднаш ќе се започне со исцртувањето на полињата за зонско паркирање и поставувањето на информативни табли во Ново Лисиче, но на ниеден дел од населбата не е започната оваа фаза, ниту било кој од жителите е информиран за процесот на имплементирање.

Во изминатиот период ова е завршено во Реонски центар, па жителите на Ново Лисиче апелираат да не се врши делумно воведување на зонското паркирање во еден дел од населбата затоа што тоа би направило уште поголем хаос во преостанатиот дел кој ќе биде во фаза на воведување, и затоа, според нив, овој процес треба да оди паралелно.

Зоните на „Градски паркинг“ го освојуваат Скопје, ќе се шират низ Карпош, Аеродром, Чаир и Гази Баба

Во јули годинава, градоначалникот Митески соопшти дека се чека само одобрување од надлежните и дека зонското истовремено ќе биде воведено во двете населби.

Зонското паркирање во Реонски центар ќе започне паралелно со зонското во Ново Лисиче. Општината изготви проект и чека одобрување на проектот од Град Скопје и Министерството за внатрешни работи. Веќе сме во координација со „Градски паркинг“, подготвени се веднаш да започнат со бележење и поставување информативни табли. Очекуваме до крајот на септември да започне зонското паркирање во Ново Лисиче и во Реонски центар – рече Митески.

Подготовките за овој проект, кој го најави уште претходниот градоначалник Тимчо Муцунски, траат повеќе од две години, период во кој според Општина Аеродром било спроведено и анкетирање на граѓаните за тоа дали се за зонско паркирање или не, а од неодамна на дел од просторот, којшто ќе биде опфатен со регулирано паркирање, веќе се обележени паркинг места и поставени информативни табли.

Зонското ќе го регулира ЈП „Градски паркинг“ и ќе биде опфатено во Д-зоната каде паркирањето од час ќе чини 25 денари.

Општина Аеродром не управува со зонското паркирање – одговорија кусо од Општината пред еден месец на прашањето до каде е неговото воведување, а сега оттаму молчат.

Без оглед на тоа што со зонското ќе управува „Градски паркинг“, од каде вообичаено не се транспарентни кон јавноста, сепак Општината е таа која го најавуваше и промовираше проектот и сега е несериозно и неодговорно да се однесува како сето ова да не ја засега. Неодговорно е пред сѐ кон своите жители, од кои актуелниот градоначалник очекува гласови за уште еден мандат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот