
Тешко дека до изборите ќе има одлука за „запаливиот“ Закон за јазиците
Поништувањето на изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска ќе го одложи одлучувањето на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците до крајот на годинава, вели за „Слободен печат“ професорот по управно право Борче Давитковски откако по одлуката на Управниот суд дека таа била незаконски избрана, Уставен ја одложи подготвителната седница што требаше да се одржи на 19 јуни. Тоа значи дека тешко дека ќе се донесе одлука до локалните избори наесен, за кога претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски ја најавуваше одлуката.
Препорачано
Давитковски смета дека зад одлуката на Управниот суд не стои „политички тајминг“, но со оглед на тоа што Уставен донесе одлука дека за овој чувствителен закон ќе одлучува во полн состав, ќе треба да се чека изборот на нов судија.
– Грешката од Судскиот совет се пренесува на Уставниот суд. На пример, сега за Законот за јазиците ќе мора да чекаат нов уставен судија, а тоа сигурно ќе се развлече до крајот на годинава. Не верувам дека до изборите во октомври ќе се избере судија, а Уставниот суд веќе си ги врзал рацете со тоа дека за Закон за јазиците ќе одлучуваат во полн состав, односно сè додека не се избере деветтиот судија нема да одлучуваат – вели Давитковски.

Постапката ќе почне од почеток
Од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Слободен печат“ ја објаснуваат постапката по одлуката на Управниот суд, па постапката ќе почне од почеток.
– Судскиот совет на седница ќе треба повторно да донесе одлука со која на Собранието ќе му предложи кандидат за судија на Уставниот суд од редот на судиите. Понатаму, Собранието ќе треба да донесе одлука за избор на судија на Уставниот суд врз основа на предлогот даден од Судскиот совет. Односно, накратко речено ќе треба да се спроведе нова постапка за избор на судија на Уставниот суд во Судскиот совет и Собранието – објаснуваат од Коалицијата.
Уставниот суд веќе соопшти дека нема да ги преиспитува одлуките во чие носење учествувала судијката, а Давитковски вели дека одлуките на овој суд се конечни и извршни и тој вината ја гледа во Судскиот совет.
– Во секој случај таа била квалификувана и одлучувала, не дека немала факултет, па да се става под прашање нејзиното гласање. Е сега имаше многу одлуки дури и за избор на претседател, четири-пет. Тука сигурно влијаела, или за некои закони да се донесат, да се укинат или да не се укинат, но тоа е тоа. Судот нема да ги преиспитува затоа што тие кога ќе донесат одлука, таа е извршна и конечна се објавува и во Службен весник и автоматски нема преиспитување. Ова само кажува за сериозноста на нашиве органи. Фактички целата вина е кај Судскиот совет, бидејќи веќе со втора пресуда се укажува за нивната незаконитост во работењето. Првата беше за неправилното разрешување на претседателката Весна Дамева, која „доби“ на Управен суд, а со вторава се укажува на несериозноста при работата на Советот – вели Давитковски.
Професорот по уставно право Денис Прешова, пак, во јавна објава објаснува дека ова е прв предмет што завршува со пресуда за поништување одлука за избор и според него вакви преседани не се случуваат без влијание на некој екстерен фактор. Тужбата била поднесена во 2023 година, шест месеци по изборот на Дуковска за уставен судија, а според Прешова, поништувањето на нејзиниот избор е последица на низата пропусти кои, пред сè, Судскиот совет ги направил во постапката за утврдување на Дуковска како предлог за уставен судија што беше потоа доставен до Собранието за избор.
– Мора да бидам искрен дека исходот на оваа постапка, иако сосема исправен, сепак е изненадување и за мене со оглед на типично формалистичкиот пристап што Управниот суд го имаше во претходните две решенија со кои се отфрлаше тужбата поради ненавременост и недозволеност, поради наводно немање на активна легитимација, кои по поднесени жалби беа укинати од Вишиот управен суд. Изненадувањето е воедно и поради досегашната практика на управното судство, кое наоѓаше секакви изговори и причини да не посегне по поништување на одлуки за избор или разрешување иако имаше очигледни прекршувања на Уставот и законите. Колку што ми е познато, ова е прва пресуда на управното судство со која се поништува одлука на Собранието за избор со што се направи сериозен преседан, преку кој во иднина конечно ќе може да се надеваме на управно-судска заштита од незаконски избори и разрешувања од страна на Собранието.
Искуството ни укажува дека, за жал, вакви преседани не се случуваат без влијание на некој екстерен фактор. Токму поради ова треба будно да се следи понатамошната практика на управното судство и редовно да се потсетува на донесената пресуда бидејќи верувам дека ќе има наплив на слични предмети во иднина со оглед на постапувањето на Собранието и другите институции во последниот период. Единствено доколку преседанот се преточи во практика, тогаш ќе можеме да бидеме сигурни дека оваа пресуда не е резултат на некаков политички или друг вид притисок и дека зад неа стои автентично уверување во нејзината исправност и желбата за правда – пишува Прешова.

Преседан под влијание на екстерен фактор?
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека не би смеело да се проблематизираат одлуките што ги има донесено уставната судијка, меѓутоа според неа, не може да остане во Уставниот суд личност што е избрана на неуставен, дури и незаконски начин.
Таа потсети дека уште од позиција на пратеник од редовите на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ го критикувала изборот на Дуковска, бидејќи бил спротивен на Уставот.
– Ве упатувам да го најдете стенограмот од седницата и да видите што зборував и на што укажував, дека тоа е спротивно на Уставот, дека мора да има еднаквост на шансите во натпреварот, дека не може вие да ги анулирате другите кандидати, меѓутоа во таа атмосфера аргументите не врвеа. Претседателот на Собранието со мнозинството се договори, нашите предупредувања се одбиваа во ѕид, ни ехо немаше големо и резултатот еве дојде. Затоа велам дека во Уставниот суд, иако седат мои колеги и колешки, без оглед на партиска блискост или симпатија, тоа ќе се одрази на процесот на одлучување – рече претседателката.
Уставниот суд ја одржа првата седница без Дуковска и од дневен ред беше повлечен предмет што го работела, а изминатите година бројката била над 100. Управниот суд официјално соопшти дека пресудата со која е поништена одлуката за избор на судија на Уставниот суд била донесена на 15 мај.
Според објавената пресуда, претходно Управниот суд двапати ја отфрлал тужбата поради ненавременост и други причини, а Вишиот управен суд двапати ги укинувал решенијата на Управен и третиот пат, по две години, Управниот суд го поништува изборот на Дуковска направен во Судскиот совет, додека во меѓувреме таа одлучува и постапува во Уставниот суд.
Управен одлучи дека двете институции – Судскиот совет и Собранието, со одлуката за изборот на Дуковска, избрана за судија во 2023 година, направиле прекршувања на процедурите и на Уставот.
Според Управниот суд, кој се повикува на записникот на седницата на Судскиот совет за избор на уставен судија од редот на судиите, било утврдено дека има тројца кандидати – Елизабета Дуковска, судија на Апелацискиот суд Скопје, Татјана Сусулеска, судија на Апелацискиот суд Битола, и Антоанета Димовска, судија на Основен граѓански суд Скопје.
На седницата не биле оценети секој од кандидатите и не била утврдена ранг-листа, а како потврда на ова тврдење бил и фактот дека на ниту еден од членовите на Судскиот совет со право на глас, не му била доставена биографија на трите предложени кандидатки.
Се отвора Пандорината кутија?
Одлуката на Уставниот суд за Законот за јазиците би можела да ја отвори Пандорината кутија, а и самиот претседател на Судот, Дарко Костадиновски рече дека со Законот за јазиците, политиката создала своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба и дилеми. Оваа иницијатива за оценување на уставноста на Законот за јазиците е особено неприфатлива за партиите од албанскиот блок.
За Законот за јазиците до Уставниот суд се поднесени 13 иницијативи, кои се споени во еден предмет. Дел од иницијативите се однесуваат на материјално оспорување на Законот, како таа на ВМРО-ДПМНЕ, според која со тоа што Законот определува дека службен јазик во органите на државната власт еднаков на македонскиот, е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, се промовира двојазичност, што е спротивно на амандманот 5 од Уставот. Дел, пак, ја оспоруваат постапката на носењето на Законот, кој стапи на сила со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери откако поранешниот претседател Ѓорге Иванов одби да го потпише указот. Иницијатива има и за оспорување на целиот Закон, а меѓу оспоруваните одредби е и таа за употребата на албанскиот јазик во судството, за банкнотите, како и за униформите на Армијата.