
Темите за јавен и приватен простор се во фокусот на проектот „Куќата што се распаѓа“
Во продукција на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“, поддржан од Европската Унија, Програмата за култура на Швајцарска амбасада во Република Северна Македонија, Министерство за култура на Република Северна Македонија и Гете-институт Скопје, од 27 до 29 јуни во Музејот на Република Северна Македонија ќе се одржи меѓународната изложба и симпозиум со наслов „Куќата што се распаѓа“.
Препорачано
Изложбата и симпозиумот „Куќата што се распаѓа“ нашироко говорат за политиките на просторот и промените во градовите во однос на интересите на различните структури на моќ, односот кон заедничкото наследство, како и идентитетот на колективноста и грижата на градовите – заедничка и меѓузависна.
Настанот нуди богата програма почнувајќи со изложба на 27 јуни (четврток, 20 часот), која е резултат на заложбите на тројца уметници – Ану Вахтра (Талин), Филип Јовановски (Битола/Скопје), Вини Хербстајн (Глазгов/Амстердам), а е курирана од Ивана Васева (Скопје).
На вториот ден од настанот, на 28 јуни (петок), од 20 часот ќе се одржи предавање од Ола Хасанaин (Картум/Амстердам), која низ нејзините уметнички истражувања примарно се фокусира на просторна писменост преку идејата за „просторот како дискурс“. После предавањето ќе следи дискусија со Марјока де Гриф и Анастасија Пандиловска (Амстердам) од организацијата „Suns and Stars“ и Ивана Васева (Скопје), која е кураторка, истражувачка и програмска директорка на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“.
Вториот ден од настанот ќе се заокружи со селекција на извонредни филмови, и тоа: Ингел Ваикла – „Папагало, колку е часот?“ (2022) и „Јас, исто така, гледам“ (2024); Феликс Мелија – „Пари за ништо“ (2021). По филмовите ќе следат куси разговори со уметниците Ингел Ваикла и Феликс Мелија. Потоа ќе има проекција на два филма од Харун Фароки – „Создавачите на светските пазари“ (2001) и „Во споредба“ (2009). Филмовите ги комбинираат темите за јавен и приватен простор, подвижните тела меѓу цврстите ѕидови и начинот на кој ги перципираме, се движиме и живееме во нашите средини.
На третиот ден од настанот (29 јуни, сабота) од 19 започнува „Градот е јавност“ – колективна перформативна проба/обиколка низ градот Скопје со водич, како дел од Лабораторијата за перформативно просторно истражување „Градот како сцена“. По неа следува ХНУ перформанс на истражувачко студио за храна, наука и уметност и музичка селекција на диџеј Индог на платото пред Музеј на Република Северна Македонија.
Колективната перформативна обиколка/ проба „Градот е јавност“ претставува еден од серијата јавни настани/интервенции во јавен простор развиени во рамки на едукативната платформа „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“.
Работата во рамки на платформата „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“ се надоврзува на неколкугодишното истражување и работа на интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски во рамки на програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ во насока на истражување на јавни простори и продукција на истражувачки перформативно – театарски проекти (претстави)/интервенции за истите тие простори.
По работата на ФРУ во објектите и јавните простори, како Железничка зграда, Универзална сала, Македонска пошта, објектот Домче, ГТЦ и плоштад „Македонија“ во Скопје, новата фаза во рамки на оваа платформа/лабораторија развива нова претстава со работен наслов „Градот е јавност“. Оваа перформативна прошетка со публика има за цел да ја вклучи публиката/ граѓаните/ учесниците во процесот на развојот на идната претстава за градот.
Авторскиот концепт е на Филип Јовановски, куратор е Владимир Јанчевски, креативната продукција е на Димитар Милев, Ивана Самандова, Марија, Аризанковска и Екатерина Добривојевска, а кураторската поддршка е на Софија Григораиду.
Учесници во развојот на оваа перформативна прошетка се студенти од архитектура, млади архитекти и визуелни уметници, како Ивана Самандова, Димитар Милев, Катарина Томиќ, Мартина Пенева, Тамара Џерков, Марија Аризанковска, Екатерина Добривојевска, Крсто Глигоријадис, Мартина Даниловска, Михаил Паскоски, Ангела Трајкова.
Учесници/ шетачи/ фленери кои ќе ја придружуваат турата се Никола Гелевски, Вини Хербстајн, Биљана Тануровска-Ќулавковски, Ану Вахтра, Никола Наумоски, Владимир Јанчевски и уште многу други јавни и тајни градски шетачи, известија од тимот на ФРУ.