Телохранителите се регрутираат од партиска „војска“, затоа се силни

Функционерите сами си ги избираат припадниците на личното обезбедување откако ќе бидат именувани, независно од која партија. Т.н. „шеста управа“ во МВР е идеално место за партиска војска, со оглед на тоа дека кадрите не се избираат на конкурс, вели за „Слободен печат“ поранешниот помошник директор за криминалистички работи во БЈБ при МВР, Љубомир Ѓурчески, по инцидентите што се случија со членовите на обезбедувањето на високи функционери, а еден член од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски заврши и во притвор за трговија со службени тајни.

– Припадниците на обезбедувањето си ги бираат самите функционери, кој како дојде, независно од која партија е. Груевски си ги зеде од „волците“ Урко и другите, тие беа преземени само во Министерството за внатрешни работи, Заев си донесе свои луѓе однадвор и ги вработија во Министерството за внатрешни работи. Наместо на овие позиции да се назначат искусни специјалци од МВР или од АРМ, се назначуваат лица што потоа се однесуваат како да се над началниците или командирите, како да се над законот – вели Ѓурчески.

Сарамаков назначен десетина дена по изборот на новата влада

Ангел Сарамаков како член на обезбедувањето на Мицкоски му станал телохранител десетина дена откако во Собранието беше изгласана новата влада предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

МВР најде еден од кртовите покрај Мицкоски

Според официјалните податоци што ги доби „Слободен печат“ од Министерството за внатрешни работи, Сарамаков бил вработен во Министерството од 2015 година, станал самостоен инспектор за обезбедување претседател на Владата од 2 јули 2024 година, а Владата беше изгласана претходниот месец, на 23 јуни истата година.

– Ве известуваме дека лицето А.С. засновал работен однос во МВР на 5.10.2015 при што во текот на неговиот работен однос во МВР бил на следниве работни места:
– „помлад инспектор“ сметано од 2016 година заклучно до 2020 година,
– „виш инспектор“ сметано од 2020 година заклучно до 1.7.2024 година,
– и „самостоен инспектор за обезбедување претседател на Владата на РСМ“ сметано од 2.7.2024 година, е одговорот од Министерството за внатрешни работи.

Љубомир Ѓурчески, поранешен началник/Фото: Слободен печат

Сарамаков е во триесетдневен притвор под сомнение дека одал службена тајна откако кај него беа најдени службени документи со кои сакал да тргува, односно да ги продаде за 50 илјади евра.

Против него од 2020 до 2024 година во Одделот за внатрешна контрола при МВР биле добиени четири претставки и било констатирано дека две биле основани и Одделот поднел предлози за поведување постапка за утврдување одговорност за повреда на работниот ред и дисциплина.

Како ги добил овие службени документи и дали е проширена истрагата за овој случај, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција нема одговор.

Од Министерството за внатрешни работи не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ кој го назначил Сарамаков во Одделот за обезбедување определени личности и објекти, кога е назначен началникот на Единицата за лично обезбедување на премиерот, и каде и кога Сарамаков и началникот поминале дополнителни обуки за обезбедување ВИП-личности.

Бодигардот на премиерот, Ангел Самараков, е зад решетки, а многу неодговорени прашања се „на слобода“

Одговорноста за назначувањето на припадниците од овој оддел, според Ѓурчески, не треба да се бара кај министерот, туку кај директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), во случајот Александар Јанев. Тој го цитира Законот за полиција во кој јасно стои „полициските работи во Министерството ги врши Бирото за јавна безбедност како орган во состав на Министерството“. Како што објаснува Ѓурчевски, во Правилникот за вршење на полициските работи објаснет е начинот за обезбедувањето на личностите и на објектите.

– Тие таму се назначени да го обезбедуваат премиерот, а не да вршат злоупотреби. Одговорноста тука не треба да се бара кај министерот, туку кај директорот на Бирото на јавна безбедност, кој ги назначува лицата што ќе го обезбедуваат претседателот на Владата.

Шестата управа е идеално место за партиска војска со оглед на тоа дека кадрите не се избираат на конкурс. За полициските работи одговорен е директорот на БЈБ, не може министерот да биде и портпарол и директор на БЈБ – вели Ѓурчески.

Тој објаснува дека за полициските работи, па дури и за големата трагедија во Кочани, најголема одговорност има кај директорот на БЈБ.

Во Законот за внатрешни работи се пропишуваат критериумите и квалификациите на работните места, но нема одредба за избор на полициските службеници што треба да работат во Одделот за обезбедување. Всушност, началникот на единицата за Одделението за лично обезбедување на претседателот на Владата поднел предлог за распоредување на Сарамаков до директорот на БЈБ кој го одобрил и му изготвил решение за распоредување. Со оглед на тоа што пред да биде распореден во овој оддел, против него имало претставки, директорот на БЈБ одобрил покрај премиерот да стои проблематично лице.

Се намножија инцидентите на службениците од „Шестата управа“ на МВР

Од „Шестата управа“ на МВР беше суспендирана и началничка што си пишала 600 евра бонус. МВР соопшти дека против началничката е поднесена кривична пријава затоа што самата се предложила за бонус „иако не го исполнила условот утврден во Законот за работните односи, односно да нема отсуство од работа повеќе од 21 ден во текот на годината“.

Бонус платата во МВР за 2023 година е исплатена лани во август и изнесуваше над 36.000 денари, односно околу 600 евра или една просечна плата.

Минатата недела, пак, во инцидент беа вклучени и телохранители на сопругот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, кој седел во ресторан во Дебар Маало со поранешниот дипломат Срѓан Керим додека „поршето“ што го возел било непрописно паркирано.

Двајца полициски службеници од обезбедувањето на сопругот на претседателката, го лажеле колегата кој сакал со пајак да го крене возилото дека било службено. Против нив, но и против полицаецот што наредил со пајак да се крене возилото, се отворени дисциплински постапки.

Поведена дисциплинска постапка за двајца полицајци кои лажно тврделе дека возилото „порше“ е службено

Минатата година, пак, обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши учествуваше во два инцидента, во кои негов телохранител со пиштол им се закануваше на полицајци на скопскиот аеродром оти сакале да ја претресат косовската претседателка Вјоса Османи, а потоа со своето обезбедување замина на свадба во Косово со службено возило.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот