
Текстилни работнички три години ги бараат платите што им ги должи газдата, судот пресудил против нив и сега тие должат 20.000 евра
Кавадарчанката Суза Пaрговска не дочекала судска разврска по тужбата против текстилната компанија „Сони“, во која работела. Проблемите и нервозите со работата ѝ го нарушиле здравјето, па ја загубил борбата со болеста. Сега нејзиниот сопруг Зоран ја продолжува битката за нејзиниот неисплатен труд. Пред четири години и кавадаречкиот суд и скопска Апелација пресудиле во нејзина корист. Но, сега Зоран не може да си ги наплати парите, пишува МИА.
Препорачано
Во меѓувреме, седумдесетина колешки на Суза кои тргнале по истиот пат, го загубиле спорот. Кавадаречкиот суд пресудил против нив, оти не можел да утврди дека работничките имале три неиспалтени плати. Сега тие се дури и должници и треба да плата 20 илјади евра судски трошоци за загубениот спор.
Работничките се жалат дека се измамени од сопственикот на фирмата во која работеле. Во 2019 година, пред фирмата да отиде во стечај, тој не им исплатил три плати. Според нив, фирмата добила и позајмица од познат кавадаречки бизнисмен токму за да ги исплати тоа што им го должи на работниците, но газдата ни овие пари не им ги дал.
Обесправените работнички денеска добија поддршка и од здружението „Гласен текстилец“.
Од кавадаречкито суд ветија дека во понеделник ќе го соопштат ставот во врска со случајот. Оттаму велат дека иако денеска повикале претставници на работничките на разговор во судот, тие не дошле да им кажат зошто протестираат.
Во изјава за МИА, адвокатот на компанијата „Сони“ рече дека другата страна „го промашила предметот“ и дека сите пријави и судски одлуки биле во корист на неговиот клиент. Во меѓувреме, Зоран Парговски и седумдесетте текстични работнички најавуваат дека ќе продолжат да ја бараат правдата низ македонските судски лавиринти.