
„Таткото од пеколот“ ќе биде преместен во редовен затвор од психијатриско одделение
Австрискиот силувач Јозеф Фрицл (88), кој со години ја држел својата ќерка во подрум и ја силувал, ќе биде префрлен во редовен затвор од психијатриското одделение на затворот, изјави неговиот адвокат. Овој потег го отвора патот за негово префрлање во старечки дом, пишува Гардијан.
Препорачано
Претходно овој месец, неговата адвокатка Астрид Вагнер објави дека поднесува барање за предвремено ослободување од затвор поради возраста и деменција.
Фрицл, наводно, речиси заплакал кога ја слушнал одлуката на советот во регионалниот суд во Кремс. Сепак, Советот соопшти дека одлуката се уште не е конечна и дека се чека потврда од државните правобранители, иако тоа всушност е само формалност. Доколку одлуката биде потврдена, Фрицл би можел да биде преместен во старечки дом.
Да потсетиме дека на почетокот на месецов беше објавено дека Фрицл боледува од деменција и понекогаш мисли дека е светска поп ѕвезда. Според новиот психолошки извештај, Фрицл е безопасен, пишува австрискиот медиум Кронен Цајтунг. Станува збор за маж кој 24 години ја држел својата ќерка Елизабета затворена во подрум во Амштетен. Фрицл со ќерката има седум деца, а во затвор е од 2009 година.
Кронен Цајтунг пишува дека судскиот психијатар Хајди Кастнер, која ја испитувала менталната состојба на австрискиот силувач за време на судењето за инцест и дијагностицирала тешко растројство на личноста, сега заклучила дека Фрицл треба да биде класифициран како „безопасен“. Таа ја наведе неговата напредна деменција како причина и рече дека затоа е малку веројатно дека тој ќе изврши повеќе злосторства.
Покрај тоа, психијатарот наведува дека Фрицл е физички слаб и може да оди само со помош на бастун.
Адвокатката на Фрицл, Астрид Вагнер се бореше на суд за ново психијатриско вештачење. Австриските медиуми пишуваат дека Фрицл вели дека „учествувал“ во телевизиско шоу или дека „бил на важен деловен состанок“, а понекогаш мислел дека е поп пејач.
Адвокатката Вагнер рече дека е можно нејзиниот клиент наскоро да биде сместен во државен дом за стари лица, но дека постои можност трајно да биде сместен во затворска болница.
„Таткото од пеколот“ може од затвор да биде префрлен во дом за стари лица