Фото: Принтскрин / Инстаграм

Таткото на музичарот Филип Стевановски, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“, напиша монографија за својот син

Таткото на музичарот Филип Стевановски, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 16 март свирејќи со „ДНК“, напиша монографија за својот син. Маријан Стевановски на социјалните мрежи соопшти дека промоцијата ќе се одржи на 14 октомври во Куманово.

„Денес излезе од печат монографијата што ја напишав за мојот прерано починат син Филип Стевановски. Истата ќе биде промовирана на JAZZ FESTIVAL KUMANOVO 2025 година, кој ќе се оддржи во Занаетчиски дом – Куманово на 14 и 15.10.2025 година.Првата вечер на 14.10.2025 година ќе биде посветена на Филип Стевановски, презентација на монографијата, документарен филм и изведување на авторски композиции од голем број изведувачи со кои Филип има соработувано во својата кариера. Втората вечер на 15.10.2025 година е интернационална џез вечер на која ќе земат учество три џез музички состави и тоа: FISH IN OIL (Република Србија), 3D PROJECT (Република Македонија), OLIVER DUEV TRIO (Република Македонија). Влезот е слободен, а фестивалот има хуманитарен карактер посветен на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани“, напиша Маријан Стевановски на Фејсбук.

Маријан Стевановски, кој е инаку професор, за „СДК“ изјави дека монографијата ја пишувал од моментот кога се случила трагедијата до моментот на објавата. Оваа монографија содржи 500 страници во кои тој се обидува да го претстави животот на неговиот прерано починат син, исполнет со спомени, музиката што ја создаваше, како и луѓето што ги допрел со својата добрина, екстровертност, љубов, почитување и дружење.

– Со оваа монографија сакам да го сочувам сето она што беше тој: неговата чувствителност, храброст, уникатен музички дар, неговата топлина и онаа посебна светлина што ја носеше со себе, за неговото семејство, за пријателите, за идните генерации кои можеби никогаш не го запознале, но ќе можат да го почувствуваат преку монографијата – изјавил за „СДК“ Маријан Стевановски.

Како што вели, во пишувањето на монографијата му помогнале сопругата Снежана, ќерката, сопругата на Филип, Ирена Крстевска-Стевановска, нејзината сестра Маја Крстевска-Коларова, братучедот на Филип, Илија Волчески и сите оние кои беа составен дел од животот на музичарот, негови соработници, колеги и другари.

– Морав да соберам сила да пишувам затоа што Филип го заслужуваше тоа. Да биде незаборавен. Кога свиреше, се добиваше впечаток дека светот застануваше. Таква беше неговата моќ, такво беше неговото влијание. Филип не беше само наш син, брат, сопруг, татко, пријател, другар, колега, туку и наша инспирација, генијален уметник чија музика допираше до срцата на многумина. Со секоја мелодија што ја создаваше, со секој тон што го свиреше, тој оставаше свој печат на емоција, на убавина, на живот. Неговата музика беше неговиот глас, неговиот свет, неговата порака до светот. И таа музика ќе продолжи да живее, засекогаш како сведоштво за неговата страст и неговата уметност – рекол Стевановски.

– Во исто време беше пијанист на популарната македонска група „ДНК“, како и тромбонист во светскиот џез-состав  на Владимир Четкар. Филип компонираше музика за филм.  Тој ја напиша музиката за краткометражниот филм „Црно и бело“, а има компонирано и песни за фестивалот Макфест и доби награда Гран при за песна чиј аранжман го направи за фестивалот Еврофест. Како пијанист ја придружуваше култната српска група „Ван Гог“ на нивната концетна турнеја низ Македонија. Има уште многу настапи, турнеи кои е тешко во еден натпис да бидат опфатени. Во своето музичко творештво има издадено 7 џез-албуми“, додал таткото на Филип.

Филип Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип. Стевановски своето основно образование го завршил во Куманово. Своето школување го продолжува во „Илија Николовски – Луј“ Скопје, а подоцна своето образование го усовршува во Америка. Завршува два факултети вокално инструментален оддел класична музика и џез оддел. Тој беше  и директор на Ценатрот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот