
Taткото на Дончиќ се налути: Ќе бара одземање на државјанството на репрезентативец на Словенија
Саша Дончиќ, таткото на НБА ѕвездата Лука Дончиќ и актуелен директор на словенечката кошаркарска репрезентација предизвика реакции во јавноста со најавата дека ќе бара одземање на државјанството на натурализираниот Американец Џош Небо.
Препорачано
Небо, кој доби словенечко државјанство со цел да настапува за националниот тим, не отпатува на Европското првенство поради повреда, која, според информациите, ја пријавил неговиот клуб Армани од Милано. Меѓутоа, очигледно е дека во словенечкиот табор не веруваат целосно во таа верзија.
Саша Дончиќ изјави дека ситуацијата била невообичаена и дека ќе се разговара со Владата на Република Словенија за можноста Небо да остане без словенечко државјанство.
„Џош Небо никогаш не ми кажа дека нема да игра, ни во последните разговори, ни по повредата. Поканата беше испратена на 3 јули, а дури две недели подоцна добивме известување дека клубот не препорачува тој да настапи. Го почитувам тренерот Еторе Месина и неговата грижа за здравјето на играчите, но и ние имаме свои доктори и експерти, знаеме за што станува збор. Ситуацијата е многу специфична. Како понатаму? Во моментов сме фокусирани на Европското првенство, а потоа ќе мора да разговараме. И со Владата на Република Словенија. Џош Небо го доби државјанството исклучиво поради кошарката. Ако не сака или не може да игра, не гледам зошто да продолжиме со таа соработка“, изјави Дончиќ за словенечкиот „Спортклуб“.
Словенија ќе ја игра групната фаза од Евробаскетот во полските Катовице, каде што во рамки на групата „Д“ ќе се соочи со селекциите на Полска, Франција, Белгија, Израел и Исланд.