
Таравари задоволен од 100 дена власт: За да не се лизнеме на проруската линија, мора да покажеме дека сакаме и можеме во ЕУ
Видлив напредок во државата е постигнат откако Алијанса за Албанците стана дел од Владата, оцени претседателот на партијата Арбен Таравари на отчетот за 100 дена откако АА стана дел од владиното мнозинство. Тој потенцира дека главен приоритет се евроинтеграциите и дека тие сега се во наши раце. Таравари очекува дека што поскоро ќе ги направиме уставните измени.
Препорачано
„Постои ризик Македонија да се лизне на проруската линија. Противниците на Западот се обидуваат да не блокираат. Мора да докажеме дека сакаме, можеме и мора да успееме. Оптимист сум, се надевам и поскаувам да се постигне бројката од 80 пратеници. Ако се случи Албанија да ги почне преговорите а ние да одиме на избори, се плашам дека ќе ни се повтори сценариото од 2008 година со Букурешт и дека ќе ни треба уште една декада за да најдеме решение кое ќе биде полошо. Почетокот на преговори со ЕУ сепак е надеж и треба да мислиме на младите кои се уште се во државата“, рече Таравари.
Тој порача дека треба да се фокусираме на теми кои не обединуваат а тоа е и нивното барање за отстранување на формулацијата „20 отсто“ со албански јазик и рече дека за тоа очекува поддршка од Македонците.
Таравари оцени дека иако одлуката Алијанса да стане дел од Владата била тешка времето покажало дека целосно биле во право оти ја стабилизирале државата.
„Времето докажа дека сме биле во право. Македонија е во многу подобра положба од пред 100 дена. Постојано барам од секој функционер на Алијанса за Албанците резултати и нулта толеранција на корупцијата. Уште од почетокот на нашето управување со Министерството за правда презедовме низа активности за да ја зголемиме довербата на граѓаните во судството. Изготвивме иницијатива за уставни измени и гордо можам да кажам дека Македонија се движи напред“, рече Таравари.
Тој наброја повеќе резултати кои се реализирани откако АА е дел од мнозинството. Дека е почнат процесот на дигитализација на судството, дека наскоро ќе биде предложен предлог закон за управување со одземен имот, враќање на Универзитетот во Тетово во законски рамки.
За да се спречи злоупотребата според правичната и соодветна застапеност Таравари рече дека е обезбедено националноста да фигурира во повеќе документи, дека во Министерство за одбрана и во армија има 45 кандидати Албанци за професионални војници и дека се делегирани 43 Албанци во мировните мисии. Во земјоделство се зголемени мерките за поддршка на земјоделците. Таравари најави дека наскоро ќе биде предложен закон за правична застапеност и дека конечно по 20 години испитот за административци ќе биде и на албански јазик. Во ресорот здравство тој спомена дека во изминатите 100 дена владеење платите на здравствените работници се зголемиле до 3.000 денари и дека се подготвува државна стратегија за здравство.
„Наскоро ќе се погрижиме браќата од Косово повеќе да не плаќаат астрономски цени за здравствени услуги туку ќе плаќаат како граѓаните на Македонија“, рече Таравари.