
Тајландската премиерка на 38 години има лично богатство од 400 милиони евра
Тајландската премиерка Паетонгтарн Шинаватра откри дека има лично богатство во вредност од речиси 400 милиони евра во нејзината декларација за финансиската состојба што е објавена денеска.
Препорачано
Премиерката, која ја презеде функцијата во август, треба да го пријави на Националната антикорупциска комисија (NACC) нејзиниот имот, кој изнесува 13,8 милијарди бати, се вели во документот објавен до медиумите.
Нејзините различни пласмани и инвестиции изнесуваат 11 милијарди бати (над 310 милиони евра), додека има една милијарда бати (над 28 милиони евра) во готовина, се вели во соопштението.
Нејзиниот друг имот вклучува, меѓу другото, 75 луксузни часовници во вредност од 162 милиони бати (речиси 4,6 милиони евра), 217 дизајнерски чанти во вредност од 76 милиони бати (над 2 милиони евра), како и имоти во Лондон и Јапонија.
38-годишната Паетонгтарн Шинаватра, исто така, објави обврски од речиси пет милијарди бати (над 141 милион евра), според документот на NACC објавен од тајландските медиуми, со што нејзината нето вредност изнесува 8,9 милијарди бати (над 251 милион евра).
Нејзиниот татко, Таксин Шинаватра, го купи фудбалскиот клуб Манчестер сити во 2007 година, а беше и премиер на Тајланд, и моментално има богатство од 2,1 милијарди долари, според Форбс. Тој е десеттиот најбогат човек во својата земја.
Таксин Шинаватра го искористи своето богатство, изградено од неговата телекомуникациска империја Шин Корп, за да влезе во политиката, а неговото семејство го задржа своето влијание дури и во текот на годините во егзил што следеа по неговото соборување во септемврискиот државен удар во 2006 година.